Истражувачите од Универзитетот во Женева, меѓу кои и проф. Мирко Трајковски, родум од Скопје, успешно демонстрирале дека температурата има влијание врз јачината на скелетот. Или со други зборови, дека нарушувањата на јачината и густината на коските, како што е остеопорозата, може ефикасно да се третира со топлина. Оваа болест е најкарактеристична за жените во постменопауза и погодува една третина од нив, што претставува голем проблем за глобалното здравство.
Тимот на проф. Трајковски од Одделението за клеточна физиологија и метаболизам на медицинскиот факултет на Универзитетот во Женева извршиле експерименти на глувци. Оние кои биле чувани на температура од 34 степени Целзиусови имале помалку кршливи коски отколку оние кои биле оставени на собна температура. Подобра густина на коски покажале и глувци со извадени јајници (за да се симулира менопауза) а кои биле поставени на потопла локација.
Истражувана била и појавата на остеопороза на глобално ниво согласно просечната температура. И овие резултати се во истата насока: повеќе фрактури на колкот, на пример, се забележани во северни отколку во јужни земји. И ова не е поради фактори како витамин Д или калциум, кои не влијаеле врз корелацијата.
Останува уште да се објасни причината за влијанието на топлината врз силата на коските. Одговорот веројатно е во микробиомите - микроорганизмите кои се наоѓаат во телото. Колку што е повисока температурата, толку повеќе микробиоми во телото, што влијае и врз коските бидејки тие учествуваат во синтезата и деградацијата на молекули (полиамини) кои играат улога во стареењето, а со тоа и во намалувањето на јачината на скелетот.