Клучна студија од пред десетина години која за првпат промовираше ефикасен а ефтин и едноставен начин да се намали колку луѓето лажат и мамат при пополнување прашалници, е на пат да биде повлечена откако група научници открија дека се темели на лажни податоци.
Студијата од 2011 година имаше откриено дека потпишувањето на „заклетва за чесност“ пред, а не после пополнувањето прашалници битно ја зголемува чесноста на дадените одговори. Таа студија често пати е предавана на конференции за менаџери, била тестирана од владини агенции а била искористена и од најмалку една осигурителна компанија.
Истовремено, таа го вивнува угледот на нејзините автори, Макс Базерман, професор по бизнис администрација на Харвард и Ден Ариели, психолог и бихејвиорален економист на Дјук. Вториов е и радо виден ТЕД говорник, колумнист на Волстрит Журнал и е автор на бестселер на Њујорк тајмс: „(Искрената) Вистина за лажењето“.
Во доста наврати цаката не ги давала очекуваните резултати меѓутоа дури неодамна, група истражувачи педантно го претресле истражувањето и податоците на кои се заснова. Утврдиле дека без никаков сомнеж, најмалку еден од експериментите се базира на лажни и погрешни податоци.
Откако останатите луѓе од спорната студија покажаа алиби за тој дел, на површина остана само Ариели кој кажа дека податоците ги добил од компанија која не смее да ја каже заради потпишан договор за доверливост а сите луѓе од таму со кои тој соработувал веќе ја напуштиле фирмата.
Се смета за тежок неуспех на актуелната научна заедница што ѝ било потребно толку долго време да открие толку суштинска мана на една толку цитирана и влијателна студија.