
Германски научници забележале големи промени во мозочната активност кај луѓе на телефонска „диета“.
Од 25 доброволци на возраст од 18 до 30 години било побарано три дена да не ги користат своите мобилни телефони, освен за итни повици или за нужни активности.
На почетокот и на крајот од експериментот апстинентите поминале низ скенери со магнетна резонанца и психолошки тестирања за да се откријат последиците врз активноста на мозочните клетки.
На крајот од тестирањето им биле прикажани разни слики - неутрални со бротчиња или цвеќе, но и со активни и исклучени мобилни телефони. Погледот на телефон поттикнувал сигнали во делот од мозокот поврзан со награди и желби, слично како што реагираат зависници од супстанци. Промените во лачењето допамин и серотонин потврдуваат дека мобилните телефони навистина предизвикуваат зависност.
Психолошките тестови не покажале значителна промена на расположението ниту зголемена желба за користење мобилен телефон. Некои учесници пријавиле дека се чувствуваат подобро, но не во доволен број за да се тврди дека апстиненцијата го подобрува расположението.
Воздржувањето од смартфони може да се поврзе со апстиненција од дроги при други зависности. Откриените нервни механизми суптилно укажуваат на зависничко однесување кај луѓе што претерано користат смартфони, заклучуваат истражувачите од универзитетите во Хајделберг и во Келн.