„Сереш ко фока“ е математички погрешнo

Погрешнo е затоа што без разлика на големината, животните се празнат за отприлика исто време. Дали е човек, куче, фока или слон - 12 секунди (горе-долу). Спремни да се задлабочиме во оваа физика на изметот?

Говномантија е една стара кинеска вештина за дијагностицирање на здравствената состојба и прогнозирање на нечија иднина врз основа на обликот, големината и текстурата на неговиот измет. Слични дисциплини имале и античките Грци и Египќаните.

Група денешни научници (математичари, инженери, хирурзи) не ја делеле дијагностицистичката надеж на старите Кинези но сепак решиле да проверат како стојат работите со параметрите на она што цицачите го исфрлаат зад себе, па од Зоолошката во Атланта собрале репрезентативни примероци од 33 животни.

Првото сознание им е дека слоновите и другите вегани меѓу животните создаваат „плутачи“ а тигрите и месојадните „нуркачи“ (за евентуално подобро разбирање на овие термини, на Јутјуб побарајте ја песната „Говно ми је камен“).

Ги занимал и мирисот па направиле ранг листа на која тигрите и носорозите се најнеутрални а на другиот крај се слатките панди (толку од тоа дека би било фино да имете едно такво мало црно-бело мече дома).

И за крај, утврдиле дека 66 проценти од сите животни се даунлодираат во ранг од 5 до 17 секунди. Тежински резултатот е многу различен но временски се работи за речиси унифициран просек од 12 секунди. Слонот просерува 6 сантиметри во секунда, што е шест пати побрзо од кучето. Човекот произведува 2 сантиметри во секунда.

Како тоа во исто веме завршуваат работа и слонот и кучето ако се знае дека првиов истура илјада пати поголема количина од вториов? Тајната е во дебелината на мукусот, лизгачкиот слој со кој е прекриена внатрешноста на дебелите црева.

Научнава групација верува дека нивното истражување покажува дека математиката и науката можат да бидат корисни за секакви цели. А да не остане придобивката од нивниот труд само теориска, соопштија дека нивните сознанија ќе бидат користени за изработка на идните пелени за астронаути.

 

4 мај 2017 - 09:58