Сè што знаеме за Универзумот е погрешно

Мерењата за забрзаното ширење на Универзумот му ја донесоа на Адам Рис Нобеловата награда за физика во 2011 година и го зацврстија Стандардниот модел на космологијата. Но, новите мерења на Рис покажуваат дека темната енергија што го шири Универзумот згаснува. Космолозите немаат храброст да признаат дека сè што досега знаеле не важи и мора да градат нова теорија.

Астрономите одамна претпоставиле дека Универзумот се шири, бидејќи галаксиите „бегаат“ од телескопите. По долги набљудувања експертот за мерење Рис заклучил дека ширењето е неверојатно брзо.

Теоретичарите заклучиле дека мора да постои невидлива „темна“ енергија - слаба, одбивна сила што го исполнува „празниот“ простор. Ја има и околу нас, преслаба за да се почувствува нејзиното дејство, но во космички димензии има моќ да поместува галаксии и да го шири Универзумот. По илјадници милијарди години, телескопите веќе нема да може да уловат ниту една галаксија. Стандардниот модел на космологијата укажува дека темната енергија ќе ја разреди секоја материјална и енергетска честичка во студена рамнотежа на ништавило.

Но фалеа неколку важни детали. Потребно беше да се измери брзината со која Универзумот се шири во различно време. Рис ги следел експлозиите на супренови во галаксиите и врз основа на интензитетот на блесокот ги пресметувал далечините од Земјата до галаксиите. Резултатите постојано варирале и го негирале стандардниот модел. Аномалијата добила и свое име: Хабл тензија.

Старата гарда космолози почнала да ги отфрла резултатите од мерењата, не затоа што не се точни, туку затоа што не се вклопувале во Стандардниот модел. Никому досега не му успеало да открие грешки во мерењата на Рис. Отстапките од биле потврдени и со мерења на други астрономи и со вкрстување на податоци од вселенските телескопи „Хабл“ и „Џејмс Веб“.

Поддршка за својот труд Рис очекува од Спектроскопскиот инструмент за темна енергија (ДЕСИ). Во оваа опсерваторија во Аризона 5.000 роботски контролирани оптички влакна на секои 20 минути се фиксираат на различна галаксија. Следењето ќе продолжи уште пет години, додека не бидат прегледани милиони галаксии, доволно за да се мапира космичката експанзија низ времето.

Во простата верзија од Стандардниот модел, силата на темната енергија е вечно фиксна. Првиот сет резултати од ДЕСИ потврдил дека темната енергија во раната фаза од Универзумот била многу посилна, а пред неколку милијарди години речиси исчезнала. Ако тоа биде потврдено со новите податоци, Стандардниот модел повеќе нема да важи.

Ако темната енергија стигне до нула, Универзумот ќе престане да се шири, а ако процесот продолжи во негативна насока, галаксиите ќе почнат да се приближуваат се повеќе и повеќе додека не се соберат во сингуларна точка, иста од каква што одекнал Биг бенгот. Тоа може да е вечен циклус на ширење и стеснување, создавање и уништување.

5 јуни 2025 - 16:50