Атомското доба трајно го промени начинот на дизајнирање на експерименти. Речиси секој ултрачувствителен детектор за радијација е изработен од челик од бродови што потонале пред првата експлозија на атомска бомба.
Нуклеарниот тест во Ново Мексико во јули 1945 година во рамките на проектот Тринити, атомските бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки, а потоа и уште стотици други тестирања на нуклеарно оружје, оставија траен белег во атмосферата. Таложењето на радиоактивните честички го контаминирале секој челик произведен потоа.
Металот произведен по 1945 година не претставува никаква закана за средината и се користи во обични детектори, но тоа не важи за лабораториски средини, во кои контаминираниот материјал од инструментот или од изолацијата може да предизвика поголем „шум“ од зрачењето што треба да го измери. Само еден шраф или жица може да придонесе за неточни отчитувања.
Површината на Земјата постојано е изложена на космички зраци. Траги од ураниум, ториум и калиум природно се присутни во карпите, бетонот, стаклото и металот. Затоа научните експерименти со радиоактивност се извршуваат во строго деконтаминирани услови.

Лабораторијата SNOLAB е изградена во подземна просторија под слој од карпи дебел 2.070 метри, што ја намалува стапката на космичко зрачење за околу 50 милиони пати.
Во овие експерименти не е важно само да се детектира зрачењето. Целта е да се открие дали потекнува од испитуваниот примерок, од вселената, од околните карпи или од самиот уред. Се следат интеракции што може да се случат само еднаш годишно во еден тон материјал.
Бродовите што потонале пред Тринити се најчестиот, но не и единствениот извор на неконтаминиран материјал за инструменти.
Напредокот во металургијата денес им овозможува на лабораториите да произведуваат нерѓосувачки челик, титаниум, бакар и други материјали со екстремно ниски нивоа на радиоактивност. Во многу случаи, овие метали се однесуваат исто толку добро како и нивните еквиваленти од пред војната, што го прави ограниченото снабдување со стар бродски челик многу помалку важно отколку што сугерираат популарните извештаи.