1. Комбинирањето на алкохол и дрога е штетно за вас
Студија: "Разни ефекти на кокаинот и кокаинот+алкохолот на неврокогнитивните перформанси",
Резултати: Спонзорирана од Националниот институт за злоупотреба на дрога, невропсихологот Карен Бола ги мереше резултатите на 56 корисници на кокаин и алкохол, преку комбинација од тестови за спознавање, концентрација, вербална меморија и уште неколку слични задачи. Истражувањето покажа дека две различни дроги се полоши од една, бидејќи напаѓаат различни мозочни функции.
Зошто воопшто се мачеле? Бола признава дека студијата можеби изгледа малку "тупава", меѓутоа, таа смета дека постојат малку научни сознанија како коктелите од дрога влијаат на мозокот. "Истражувањето може да ги подобри техниките за лечење на зависностите," порачува таа.
2. Вооружените возачи се посклони кон агресивност зад воланот
Студија: "Дали вооруженото општество е учтиво општество? Оружјето и агресивноста зад волан,"
Резултати: По телефонска анкета на 2,459 полнолетни Американци, истражувачите од Центарот за контрола на повреди од Харвард, откриле дека покажувањето на недостојни гестови кон останатите возачи е
значително почесто меѓу возачите од предградијата, алкохолизираните, оние кои сметаат дека неможе да им се верува на луѓето и секако оние кои признале дека чуваат оружје во своите автомобили.
Зошто воопшто се мачеле? "Доколку некој ви го покаже прстот, корисно е да знаете дали тој има оружје во својата кола или не," стои во извештајот од истражувањето. Еден од ко-авторите на студијата порачува дека многу сојузни држави ги олабавиле законите кои им дозволуваат на возачите да носат оружје а што повеќе оружје е на дофат на шоферите толку почесто сообраќајните несреќи можат да завршат фатално. Знаејќи кои делови од населението е склоно кон носење оружје, законодавците можат да создадат попрецизни кампањи или други стратегии за намалување на насилството.
3. Премногу состаноци ве прават намќор
Студија: "Поврзаност меѓу тежината на состаноците и среќата на вработените,"
Резултати: Дали некогаш сте почуствувале дека завршувате многу повеќе работа доколку не посетувате состаноци на кои се разговара како да се заврши работата? Двајца научници по хуманитарни науки од универзитетите во Минесота и Северна Каролина, сметаат дека состаноците се еднакви на "расправии" дефинирани во стручната литература како "досадни епизоди во кои дневните задачи стануваат потешки или посложени од очекуваното." Психолозите ги анализирале дневниците на 37 вработени кои постојано биле по состаноци. Резултатите покажале дека во деновите кога имале состанок, тие се чувствувале нервозни, уморни и истрошени.
Зошто воопшто се мачеле? Работодавци запишувајте: Бидејќи измачените работници не работат доволно, спори се и лесно се откажуваат, авторите предлагаат "организациите да бидат внимателни на бројот на состаноци на кои вработените се должни да присуствуваат." Менаџерите треба создадат формална рамка за тоа кои состаноци се неопходни (по можност тоа да не го прават на состанок).
4. Оддалечените објекти потешко се гледаат
Студија: "Зошто е полесно да видите некој што е поблиску отколку ако е подалеку?"
Резултати: За да направи јасна разлика меѓу оддалеченоста и заматеноста, психологот Џефри Лофтус од универзитетот во Вашингтон, на 24 студенти им покажал заматени слики од Џорџ Буш, Џулија Робертс и останати славни личности. По ова Лофтус ја променил големината и јасноста на сликите за да измери на која оддалеченост студентите ќе ги препознаат. "Заклучивме дека заматувањето е одличен начин за симулирање на деталите кои се губат при оддалечување на сликата," објаснува професорот.
Зошто воопшто се мачеле? "За да се разјаснат работите. Вака се чувствувам посигурен," порачува Лофтус. Надвор од ова, тестовите кои беа спонзорирани од Националниот институт за ментално здравје, доведоа до откривање на формула која точно го одредува односот меѓу заматеноста и оддалеченоста. Лофтус порачува дека неговата равенка може да користи во судските процеси за одредување на прецизноста на видот на сведоците.
5. Пивските очи се докажан феномен
Студија: "Науката на пивските наочари",
Резултати: Убавината е во очите на пивопиите, покажала анализата на оптометричарите од универзитетот во Манчестер. Истражувачите беа први кои научно го измерија наводниот пивски ефект, според кој намалената острина на видот предизвикана од алкохолот, може да влијае на неговата/нејзината оценка за потенцијалниот партнер. Научниците го квалификуваа феноменот како равенство составено од количината на алкохол, зачаденоста на просторијата и квалитетот на видот. Едно од откритијата е дека кратковида трезна личност која не ги носи своите наочари, доживува пивски ефект еднаков на испиени 8 кригли пиво.
Зошто воопшто се мачеле? Веројатно за да продадат повеќе леќи. Нарачателите на истражувањето, Баух и Ломб и Спид дејтер, британски сервис за состаноци, тврдат дека тоа покажува "како вистинското оптичко решение може да го подобри животот и успехот на состаноците".
6. Голтањето на повеќе од еден магнет е опасно
Студија: "Предупредување за земање на повеќе од еден магнет",
Резултати: Во 2004-та, откако претходно работел на повеќе случаи на проголтувања на магнети, докторот Алан Острич од детската болница во Синсинати, бил пред еден од најуникатните случаи во својата кариера. Рентгенските снимки од стомакот на едно 12 годишно дете покажале неколку мали збиени предмети заглавени во неговите црева. Станувало збор за магнети кои меѓусебно се привлекле и на тој начин создале бариера. Ова предизвикало отекување, гангрена и продупчување на ткивото. Откако во живо ги видел опасностите, докторот веднаш напишал итно предупредување до сите медицински лица, објавено во журналот Радиологија.
Зошто воопшто се мачеле? Голтањето на метал уште од старт звучи како лоша идеја, меѓутоа, за среќа 80% од голтнатите работи минуват низ вас. Од друга страна, магнетите не минуваат и претставуваат сериозна опасност за што најверојатно ќе треба итна операција.
7. Пушењето цигари ве чини пари
Студија: "Ефектите на пушењето врз парите",
Резултати: За време на една конференција, професорите од универзитетот во Охајо, освен на дискусиите, големо внимание посветиле на јадење, пиење и пушење цигари - момент како создаден за истражување. Главното прашање било: каков ефект имаат цигарите на нивниот новчаник? За истражувањето професорите ги користеле информациите од американскиот институт за долгорочни истражувања (кој ги прати навиките на 10.000 Американци во текот на 15 години). Тие покажале дека на годишно ниво пасионираните пушачи трошеле околу 8,400 долари само на цигари.
Зошто воопшто се мачеле? "Кога мајка ми (непушач) ги чита овие податоци на нејзе тоа и е сосема јасно. Но не и на мене," објаснува еден од професорите. Тој советува дека програмите за откажување од цигари треба да го искористат овој податок за да покажат дека цигарите не само што го горат здравјето туку и тешко заработените пари.
8. Меморијата и концентрацијата се губат со текот на годините
Студија: "Поделеното внимание кај помладите и постарите возрасни"
Резултати: Научниците долго време знаат дека кога вниманието ви е поделено меѓу две задачи, многу потешко се запаметуваат нови работи. Моше Наве-Бенџамин од универзитетот Мисури-Колумбија бил заинтересиран како работи меморијата кај постарите лица кога работат две работи од еднаш. За таа цел тој споил 20-годишни лица со 70-годишни лица и побарал од нив да решат обичен тест за меморија додека играат проста компјутерска игра. Резултатите покажале дека меморијата на постарите лица била послаба од онаа на помладите. Постарите имале послаби резултати и на компјутерската игра.
Зошто воопшто се мачеле? Студијата може да промовира дополнително внимание кон способностите на постарите лица. "Кога зборувате со постара личност која вози, немојте да го терате да се сеќава на премногу информации, тоа може да доведе до влошување на неговото возење," порачува доктор Моше Наве-Бенџамин.
9. Жените сакаат смешни мажи
Студија: "Влијанието на хуморот врз посакуваноста"
Резултати: Психолозите Ерик Бреслер и Сигал Балшајн регрутирале 210 студенти по психологија од универзитетот Мекмастер од Онтарио, да разгледаат фотографии од свои колеги. Секоја фотографија била проследена со некоја смешна (Кај мене во средно имаше толку тепачки, што имавме посебен гробар) или досадна забелешка (Сакам пријателите да ми доаѓаат на вечера). Жените многу повеќе ги сакале посмешните и забавни мажи, на следното истражување се покажало дека мажите многу повеќе преферирале жени кои ги прифаќале нивните шеги.
Зошто воопшто се мачелe: Научниците во истражувањето го навеле општопознатото дека "хуморот е далеку по ценет во присуство на други" но не им било јасно што е тоа што ги терало жените кон по забавните мажи. Една од теориите е дека мажите нашле начин како да го злоупотребуваат хуморот за да ја го искористат репродуктивниот потенцијал на повеќе од една жена т.е за да ги шират своите гени.
10. Времето лета кога сте зафатени
Студија: "Проценка на времето: ефектот од надворешно посветено внимание,"
Резултати: Психолозите Антони Частон и Алан Кингстон, конечно докажаа дека времето навистина се забрзува кога сте зафатени. Истражувачите ангажирале 23 учесници да играат повеќе нивоа од компјутерската игра "Where's Waldo". Потоа ги замолиле да оценат колку време минале на игрицата. Резултат: Колку биле потешки нивоата, толку биле помали оценките за минатото време.
Зошто воопшто се мачеле? Што се однесува до Частон, аксиомата се уште останува отворено прашање. Но смета дека овие експерименти ќе претставуваат добра почетна точка за сите идни истражувачи.
Кога науката го побива очигледното
1. Децата го сакаат Дедо Мраз
Па и не толку многу. Двете нови истражувања на колеџот Барух, покажале дека 246 од 300-те деца кои се наредиле да го видат веселиот дедо, биле рамнодушни на неговиот шарм. Научниците ги оценувале изразите на лицето кај децата со дијаграм кој служи како помош за здравствените работници да ја оценат болката кај децата.
2. Очекувајте го најлошото и нема да бидете разочарани
Жал ми е што ќе се разочарате. Во новото психолошко истражување објавено во журналот Сознавање и Емоции, на 80 студенти била тестирана смирувачката но неточна изрека. Резултатите покажале дека оние кои очекувале дека слабо ќе поминат на тестовите, всушност минале многу послабо од очекувањата, и оние кои имале позитивен став паднале но имале барем подобри резултати.
3. Неможете да научите старо куче на нови трикови
Всушност, можете. Новото истражување спроведено до Националниот институт за стареење покажал дека старите кучиња зајчари, на правилна исхрана и со доволно вежбање имале речиси исти резултати на тестовите за спознавање како и помладите кучиња.
извор: Popular Science