Канабис наместо во вселената заврши во океан

Невообичаен товар од семе од канабис, габи, алги, човечка ДНК и пепел од кремирани тела заврши во Пацификот наместо во орбита околу Земјата. Со тоа пропадна обидот за тестирање на индискиот коноп како растение со голем потенцијал да помогне во вселенски мисии, особено за да им обезбеди материјал, лекови и многу други нешта на астронаути што ќе градат колонии на Марс.

Ракетата Фалкон-9 лансирана на 23 јуни ја достигна планираната орбита, но откажаа уредите на капсулата Nyx на германскиот аерокосмички стартап Exploration Company. Товарот од вкупно 300 килограми следниот ден се урна во водите на Тихиот Океан. „Возможната мисија“ е оценета како делумно успешна, иако капсулата  требаше да помине неколку денови во орбита на височина од 500 километри.

Им се извинуваме на сите наши клиенти кои ни го доверија нивниот товар. Врз основа на лекциите што ќе ги извлечеме од нашата истрага, ќе се подготвиме за повторно лет што е можно поскоро, објави компанијата.

Едноставно не било пишано пепел од луѓе да заврши во вселената. Компанијата Селестис, која заработува од луѓе што сакаат по смртта нивната пепел да бидат распрсната на небото, им изрази сочувство на семејствата. Ова е втор пат Селестис да изгуби товар. Во 2023 година над Ново Мексико експлодираше ракета што ги содржеше кремираните останки на астронаутот на НАСА, Филип Чепмен.

Се надеваме дека семејствата ќе најдат мир знаејќи дека нивните најблиски биле дел од историско патување, лансирани во вселената, орбитирале околу Земјата и сега почиваат во огромноста на Пацификот, објави Селестис.

Научниот свет повеќе жали за изгубеното семе од канабис. Целта на граѓанскиот отворен научен проект Martian Grow беше да се испита влијанието на микрогравитацијата и радијацијата врз ‘ртењето и отпорноста, за да се има увид како канабисот би можел да се прилагоди за одгледување на Марс. 

Примероците беа спакувани во мал инкубатор MayaSat-1, развиен од Genoplant Research Institute, словенечка воздухопловна компанија специјализирана за вселенски биолошки истражувања. Божидар Радишиќ, вклучен во проектот, е убеден дека канабисот е единственото растение квалификувано за вселенско земјоделство. Расте брзо, добро се прилагодува и е култура што се одгледува илјадници години.

Порано или подоцна ќе имаме бази на Месечината, а канабисот со својата разновидност е идеално растение. Може да биде извор на храна, протеини, градежни материјали, текстил, коноп, пластика и лекови. Не гледам други растенија што ги даваат сите овие работи, вели Радишиќ.

Освен THC и CBD, канабис сатива содржи стотици различни соединенија, од кои многу сè уште се откриваат и чии ефекти не ги разбираме целосно. Тоа е отпорно растение, чие растење се стимулира со ултравиолетова светлина и зрачење. Вирее од висорамнините на Тибет до џунглите на Југоисточна Азија и пустините на Авганистан и може да се одгледува во контролирани услови дома. Не бара премногу вода, напредува во почва со ниска хранлива вредност и покажува потенцијал за отстранување токсини и тешки метали од земјата.

Тимот на Martian Grow ќе мора да чека на нова мисија за да ги испита генетските, структурните и физиолошки промени, разликите во големина на листот, содржината на хлорофил, стапките на фотосинтеза и потрошувачката на вода, кога канабисот ќе биде изложен на космички зрачења.

2 јули 2025 - 09:37