Извинете, ама, ќе се избезумите

„Знаете дека сте стигнале до навистина интересно прашање кога никој на него не сака да одговори,“ цитира статијата од која ние двапати се избезумивме, прво кога ги читавме уверливо сложените наводи околу контроверзното потекло на вирусот и вторпат, кога ги пишувавме. А прашањето е едноставно: како сте сигурни дека коронавирусот е природен?

Изворот е овде, кој претпочита, нека чита во оригинал. Ние генерално сме претпазливи кон вакви текстови бидејќи  е неможно сосема да се проверат сите наводи, но ќе ви го пренесеме со наведените референци. 

Научниците директно ги менуваат и модификуваат вирусните геноми веќе 20 години (иако уште од 70-тите години од Советскиот сојуз постојат контроверзи за тоа што сè истекува од лабораториите), правејќи сè на таа тема: од создавање нови вируси од ништо, преку нивно штимање и пренесување на серии домаќини па до забрзување на селекцијата и еволуирањето, сето тоа за да се добијат што е можно повеќе варијанти на вирусот и тие да се проучат. 

Малку од тоа има дојдено до јавноста, до пред едно десетина години кога научниците од њујоршкиот универзитет Стоуни Брук - случајно или не, местото каде што за првпат, од нула е создаден комплетно нов РНК вирус - го земале H5N1 птичјиот грип, му го промениле геномот на две места и го пренесувале на неколку генерации заморчиња сè додека тој не станува - пренослив преку воздух. Ваквите истражувања - сосема мали интервенции во геномот кој потоа се пушта низ неколку серии живи домаќини - прават две работи: прво, се добива вирус кој изгледа природно и не личи дека е генетски менуван; второ, се добива вирус кој е далеку од своето оригинално семејно стебло.  

Мајкл Остерхолм (го имаме овде) е еден од оние кои не ја кажуваат целата приказна за модифицираниот H5N1 птичји грип кој бил претворен во вирус во однос на кој „смртоносната пандемија од 1918 ќе изгледa како досадна настинка“. Резултатите биле толку проблематични што американскиот Национален институт за здравство (НИЗ) побарал тие да бидат објавени дури откако ќе бидат отстранети доволно детали кои би можеле да помогнат во реплицирање на експериментот.

Но истражувачи знаеле, особено оние кои веќе биле запознати со коронавируси. Двајца од нив тоа го имаат научено во лабораторија на Универзитет од Северна Каролина (UNC) во 2015 година а потоа се имаат вратено да работат дома.

Во Вухан.

НИЗ во 2014 ќе забрани еден вид контроверзни геномски истражувања (види овде) но ќе ја подигне забраната во 2017. Зошто? За да им се дозволи на научниците да ги доистражат вирусите на грип, како и на САРС и МЕРС, блиски роднини на новиот коронавирус. Со тоа рампата е подигната и во оваа област се истураат стотици милиони долари за поддршка на ваквите истражувања.  

Добронамерноста на филантропите како Бил Гејтс и нивните пари не значат баш сè. Гејтс беше добронамерен и со мрежите против комарци за запирање на маларијата па после се испостави дека локалци таа мрежа повеќе ја користат за риболов и со неа прават бетер зијан - помор на подмладокот на рибниот фонд. 

Од друга страна, има такви кои не се ни трудат да се претстават како филантропи. Еден од нив е Питер Дазак. Неговата компанија (EcoHealth Alliance) е непрофитна и зависи од мулти-милионски владини грантови а со години е партнер и со еден кинески истражувач. Тоа е еден од оние двајца кои научиле како се создаваат хипер-вирулентни корoнавируси во UNC во 2015. Се вика Женгли Ши. Во една неодамнешна ПР статија таа тврди (а Дазак потврдува) дека проверила, но не нашла совпаѓање на геномот на ковид-19 со она што таа го има во лабораторијата. И сега треба да му се верува на збор на некој кој учествувал во создавање на франкенштајновски вирус, дека туку-така ќе признае и ќе си ја уништи кариерата.

Ако некој уште не е сигурен дали инволвираните научници се искрени, тука е доктор Ралф Барик. Toj ja води таа фамозна UNC лабораторија во која е создадена хипер-вирулентната варијанта на коронавирус (со РНК сплајслинг и протеинска интервенција во постоечки коронавирус), правејќи монструм кој е толку суров што виролог од парискиот институт Луј Пастер има предупредено:

„Ако ова (новиот вирус) излезе надвор, никој не може да му ја предвиди траекторијата.“

Кога на почетокот на оваа криза Барик бил прашан за опасностите од новиот вирус, тој ладно кажал дека повеќе би се секирал околу - грипот. Прилично бизарна изјава од човек во чија лабораторија имаат работено и Женгли Ши и вториот Кинез (Ксинг Ји Ге) кој е првиот научник кој има изолирано природен коронавирус кој користи еден рецептор (ACE2) кој го имаат луѓето во белите дробови а со чија помош вирусот може да се пренесува преку воздух. Накратко, двајцата Кинези работат под водство на Барик, со средства обезбедени од Дазак а потоа, со многу знаење на темата, се враќаат на работа во Институтот за вирални болести во Вухан. 

Пари не брка само Дазак. Самата Женгли има обезбедено милиони долари грантови, и тоа од разни американски институции, вклучително министерството за одбрана. Оттука, иако кинескиот комунизам носи свој дел од одговорноста и од срамот што се обиде да го прикрие случајот и да ги замолчи оние кои предупредуваа, истражувања како нивните немаше да бидат можни ако Американскиот институт не ја укина забраната. Згора на тоа, истите биле финансирани од американски даночни пари.

А сега Кина и САД ќе вперуваат прст едни во други. Во меѓувреме Дазак, Женгли, Барик и другите ќе се навалат и ќе бројат пари, бидејќи од една страна, нивните влади им поверуваа дека нема шанси од нивните лаборатории да протекол вирусот, а од друга, денес не постои државна или приватна инстанца која има могу пари а која не е заинтересирана за нивните истражувања, за да се дојде до вакцина или терапија. 

За самиот коронавирус

Освен што во себе не не носи никакви директни знаци генетско модифицирање (исто како и хипер-вирулентниот H5N1 птичји грип), во однесувањето и клиничката презентација на ковид-19 ништо не изгледа природно. Толку е оддалечен од другите коронавируси што создава сопствена семејна група. Настрана што има афинитет за рецепторот ACE2 од 10 до 20 пати поголем од САРС-от, тој создава вирулeнтен мaтеrијaл илјадници пати повеќе од него. Овие два индикатора сугерират дека ковид-19 знае да го користи механизмот ADE (antibody-dependent enhancement) за да влезе во човечка клетка. Тоа значи дека умее да ги киднапира белите крвни зрнца и брзо да се позиционира длабоко во нервниот систем на домаќинот. ADE можеби објаснува зошто меѓу 5% и 10%  од излечените во Вухан се подложни на нова инфекција - вирусот ги киднапира анти-телата создадени од првата инфекција и е спремен за повторен напад на истиот организам.

И кај ХИВ и Денга треската го има овој засилувач на вирулентноста, но генерално, тоа е феномен на кој му треба многу време дa се развие - кога се развива природно. Ковид-19, иако нов, ете, веќе го има овој ADE заштитен елек со кој може веднаш да влезе во нервниот систем, убивајќи многу од жртвите напаѓајќи им го делот од мозокот кој го контролира дишењето. 

Тоа се совпаѓа со она што го опишуваат медицинарите од првите борбени редови:

„Гледам луѓе кои се здрави и без историја на болести а биваат комплетно уништени, како камион да ги прегазил. Ова знае да елиминира комплетно здрави и фит пациенти. Имаш пациенти со минимална поддршка, со малку додавање кислород а одеднаш одат во комплетен респираторен инфаркт и веќе не способни за дишење - стануваат нереспонсивни за било што и ги губиме. Такво оштетување имам видено кај луѓе кои се давале во вода, никогаш немам видено микроорганизам толку брзо да направи толкава штета на белите дробови. Тоа е она што вистински ме шокира.“

Или:

Мајко моја, ова не е како грипот. Гледам релативно млад дечко, панично се бори за здив. Вентилаторот би требало да ја обавува таа функција но тој грчевито се бори за здив, се тресе, се грчи. Моравме да го врземе. Така е со сите корона пациенти, мораме да ги врзуваме. Хипер-вентилирани се но нивниот мозок се бори за воздух и се во треска - не можат да препознаат што е помош па пробуваат да го откорнат цревото од уста бидејќи имаат чувство дека тоа ги гуши.

Уште поиндикативно за (не)природното потекло на вирусот е фактот дека процесот за пренесување од еден вид на друг, наречен зooноза, следи еден пат кој е добро проучен во стручната литература. За целосно да се префрли на друг вид, природно му требаат месеци, ако не и години за целиот процес да биде комплетен (на вирусот му требаат многу серии и генерации за да ги научи одбрамбените финти на новите домаќини).  А од друга страна, според истражување од 2018, само 2,7% од селаните кои живеат на само километар од озлогласените пештери со лилјаци, имале знаци за некоја претходна коронавирус инфекција. За да се роди кај нив оваа, смртоносна варијанта, би требало да имаат логови од претходни, побенигни варијанти на вирусот.. А немаат. Наместо тоа, ковид-19 се појавува од нигде никаде (или поверојатно од локална лабораторија, вели изворот) и одеднаш е комплетно и фасцинантно опремен за борба со луѓе, се шири преку воздух и убива кај ќе стигне. Плус тоа, тука е и фактот дека сите иницијални жртви биле заразени со иста варијанта на вирусот; ако се работеше за природен зунотичен скок, кај нив ќе беа најдени различни варијанти на самиот почеток на заразата (за дури потоа да почне да доминира најсилната).

*******

Никој не знае колкумина имат умрено во Вухан, каде крематориумите во јануари и февруари работеле 24/7 (вообичаено работат 4 часа дневно, пет дена во неделата). Морничави беа сликите на ужасно долги колони луѓе кои чекаат да го земат пепелот од своите блиски (се спомнуваат 45.000 кремирања). Уште поморничав е податокот дека од мобилната мрежа на Кина, во меѓувреме некако снема 21 милион корисници.  

„Распределување на одговорноста е проблемот. Еден ќе даде наредба, друг ќе ја спроведе. После тоа, првиот ќе рече дека тој не е оној кој го потегнал чкрапалото, а вториот ќе каже дека само правел што му било кажано. И така, на крај, никој не е виновен.“

А убаво им викаше доктор Јан Малколм во Џурасик парк, никогаш не е добра идеја да се заебеваш со наука и да чепкаш во нешто чии последици не можеш ни да ги замислиш.

1 април 2020 - 22:42