Дали тоа успеавме да ја скротиме нуклеарната фузија?

Тоа што го постигнаа европски научници во лабораторискиот комплекс Торус во Оксфорд веќе се нарекува револиционерен исчекор во децениски долгите обиди да се добие чиста и евтина енергија од реакцијата на чиј погон функционира добар дел од вселената. Што направиле? Лаконски, зовреле 100 литри вода „за ич пари“.

Управата за атомска енергија на Обединетото Кралство објави дека тим европски истражувачи произвеле 59 мегаџули од постојана реакција во траење од пет секунди. Ова е доволно само колку да се сварат стотина литри вода но е повеќе од двојно од она што беше постигнато на слични тестови во 1997 година, јавува Би-Би-Си.

„Демонстриравме дека можеме да произведеме мини-ѕвезда во нашата машина, да ја одржиме пет секунди и и да добиеме високи перформанси, што нè носи во едно ново царство. Се работи за исчекор кон освојување на најголемите научни и инжeнерски предизвици на сите времиња,“ соопшти првиот човек на прооектот. 

Програмот е соработка помеѓу земјите членки на ЕУ, плус Швајцарија, Обединетото Кралство и Украина, започнат во 1978 година и се фокусира на најголемата и најмоќна оперативна „токамак“ машина. Дизајнирана уште во 50-тите години од советски научници, таа користи моќни магнети за да ја одржи плазмата од два водородни изотопи - деутериум и тритиум - додека се загрева на температури повисоки од оние на Сонцето, така што атомските јадра се спојуваат и ослободуваат огромна енергија.

За разлика од фисијата кадешто се работи за „цепање атомоу“, фузијата не прави радиоактивен бербат. Најголемите предизвици во врска со неа се како да се постигне стабилност на реакција за добиената енергија да може да се ожнее, како и тоа какво ќумбе ќе издржи температури поголеми од сонцето.  

Затоа оние пет секунди се многу важни.

„Можеби тоа не звучи импресивно но во нуклеарниот свет, пет секунди се вечност“, вели Арту Турел, експерт за фузија.

Теоретски, со само една чаша од ова гориво, би можело да биде обезбедена доволно енергија за една куќа неколку стотини години.

 

 

10 февруари 2022 - 09:05