
Важен фактор за забрзаното глобално затоплување, кој досега не е добро квантифициран, е ефектот од огромните напори на земјите во источна Азија, особено на Кина, за борба против загадувањето и подобрување на јавното здравје преку строги политики за квалитет на воздухот.
Во изминатите 12 години емисиите на сулфур диоксид во источниот дел на Азија е намален за околу 75%. Напорите за чистење се засилија токму кога глобалното затоплување почна да се забрзува.
Користејќи компјутерски симулации истражувачите заклучиле дека загадениот воздух ги ублажувал ефектите од глобалното затоплување. Освен што предизвикува милиони предвремени смртни случаи, загадувањето ја штити Земјата од сончевата светлина и со тоа ја лади површината. Со чистењето на смогот, што е од витално значење за здравјето на луѓето, се отстранува овој вештачки чадор.
Нашиот тим користеше 160 компјутерски симулации од осум глобални климатски модели. Ова ни овозможи подобро да ги квантифицираме ефектите што загадувањето на воздухот во источна Азија ги има врз глобалната температура и моделите на врнежи. Симулиравме чистење на загадувањето слично на она што се случи во реалниот свет од 2010 година. Откривме дополнително глобално затоплување од околу 0,07°C, наведуваат истражувачите.
Иако ова е мал број во споредба со целосното глобално затоплување од околу 1,3°C од 1850 година, сепак е доволно за да се објасни неодамнешното забрзување на глобалното затоплување кога ќе се отстранат годишните промени на температурата од природните циклуси каков што е климатскиот феномен Ел Нињо во Пацификот.
Врз основа на долгорочните трендови, очекуван резултат бил затоплување од околу 0,23°C од 2010 година, но биле измерени 0,33°C. Други фактори вклучуваат промена во емисиите од бродовите и неодамнешното забрзано зголемување на концентрациите на метан во атмосферата.
Некои истражувања веќе сугерираат дека намалувањето на емисиите на сулфур од глобалниот транспорт има голема улога, но чистењето почна дури во 2020 година и ефектите сè уште се премногу слаби за да се објасни обемот на влијанието. Истражувачи од НАСА посочуваат и на намалувањето на облачноста во тропските предели и северниот дел на Пацификот.