Загарантирана откупна цена за емпетројки?

Секој пат кога некој ќе пушти песна на музичкиот сервис Спотифај, сопственикот на авторските права на песната добива меѓу 0,2 денари и 0,38 денари. По оваа математика, за бендот / артистот да заработи 1 денар неговата песна треба да биде пуштена 5, односно 3 пати (во зависност од тарифата).

За да го смири незадоволството на музичарите и продуцентите, Спотифај ги објави официјалните статистики според кои само за 2013-та тие имаат исплатено 500 милиони долари. Моментално Спотифај достапен е во 32 држави, има околу 20 милиони песни и 24 милиони корисници, од кои најмалку 6 милиони го плаќаат сервисот.

Музичарите во најголем дел се жалат за малата сума која ја добиваат како надомест од Спотифај, а некои (како Том Јорк) и повикаа на бојкот. Минатата година бендот Гризли Беар се пожали дека добиле само 10 долари за 10.000 преслушувања на нивната песна на Спотифај.

Во извештајот за 2013-та, Спотифај споменува неименуван "глобален хит" албум кој само во јули заработил 425.000 долари, како и неименувана "глобална ѕвезда" која минатата година од сервисот заработила 3 милиони долари, сума која очекуваат да се зголеми за два пати во 2014-та.

Тие објаснуваат дека 70% од парите кои ги земаат, веднаш излегуваат од компанијата за исплаќање на сопствениците на авторските права.

И покрај лошите бројки, тие сметаат дека се една од подобрите варијанти за музичарите, бидејќи кај нив еден милион преслушувања генерираат меѓу 6.000 и 8.400 долари, споредени со 3.000 долари на ЈуТјуб или меѓу 1.300 и 1.500 на сервиси како Пандора.

4 декември 2013 - 18:57