Пред некој ден беше објавено дека Рејџ имаат пуштено нова веб-страна, prophetsofrage.com, на која има само часовник што одбројува до 1-ви јуни и место за внесување на меил адреса.
Кога почна да се шири веста околу сајтот, Чак Ди на Твитер ја најави својата вмешаност во проектот (Prophets of Rage е име на песна на Паблик Енеми). По ова следуваа информации дека не станува збор за повторно обединување на Рејџ Агенст Д Машин, меѓутоа дека ќе има некаква врска со настапи во живо.
Билборд објави дека нивни извори им потврдиле дека Prophets of Rage всушност е супер група составена од три-четвртини од членовите од Рејџ, плус Чак Ди и Би-Риал. Зак де ла Роча наводно не бил вклучен во проектот.
Според истиот извор првата свирка на бендот ќе биде во Холивуд Паладиум на 3-ти јуни, и ќе настапуваат со песни од трите бенда.