Разбирате ли што се пее во „Луи, луи“?

Снимена од Кингсмен, „Луи Луи“ почна да се искачува на поп-листите пред 60 години. Тоа е песна која нема кој не ја чул, но речиси никој докрај не ги разбира зборовите, посебно во оригиналната верзија. Тоа ѝ беше казна поради која стигна до ФБИ и Врховниот суд, но и благослов за да стане толку популарна. Плус, секој идиот може да ја научи да ја свири.

Првата снимка е од 1957 година, од музичар од ЛА, Ричард Бери. Зборовите се на фејк јамајкански за да се залепат на популарноста на калипсо музиката (во тоа време Хари Белафонте растура на топ листите) а мелодичниот риф е од песната Ел Локо Ча Ча, снимена од американски-кубански бенд.

Прво станува позната во областа на Лос Ангелес а потоа и долж западниот брег. Станува омилена во џубоксите и заради денсот: во тоа време не било финта да игра кој како сака туку за посебни песни се граделе посебни движења. А Луи Луи душа дала за „ча ча ча“ финти.

Од регионално хитче станува национален феномен кога песната ја снима групата Кингсмен, во студио во кое главно се снимале џинглови и радио реклами, без искуство со поп-рок групи. Имало само еден микрофон кој им висел над главите па пејачот морал да се дере накај таван, за да го фати микрофонот. Тоа што тој, Џек Ели, во тоа време носел и забни протези, не помагало баш за дикцијата.

На крај испаднала снимка на која никој не може да разбере што се пее. Тоа па најмногу помогнало. Кога стиховите се неразбирливи, тука есе тинејџерите да додаваат свои - главно опсцени - стихови, како ќе им текне. Којзнае што сè имаат измислувано.

„Бевме на насловните на сите весници, главно обвинувани дека го расипуваме моралното ткиво на Америка, сè додека не ни затропаа на врата и викнаа: ФБИ, отворајте!“, се сеќава еден член на бендот.

Гувернерот на Индијана ја забранил песната а Кингсмен морале да сведочат пред Федералната комисија за комуникации. Откако била пуштена песната и комисијата ја слушнале, главниот пресекол:

„Пошто никој не може ништо да разбере што се пее, ја укинувам забраната.“

Целата драма и контроверзите дополнително ја катапултираат песната која досега има безброј обработки и користена е во многу реклами, а приказната е и потсетување на еден друг момент:

„Причина за популарност на една песна може да биде нејзината едноставност или глупост. Три акорди и најобичен можен ритам. Секој идиот може да го научи тоа, и сите го научија“, вели продуцент на една верзија на Луи Луи.

Кингсмен, со Џек Ели без протези:

 

4 декември 2023 - 11:56