Мик Рок има овековечено цели децении од рокенролот, особено во возбудливиот и пресвртен крај на 70-ти години, сликајќи ги сите икони на музичката сцена, како Лу Рид, Дејвид Боуви, Иги Поп, Деби Хари, Фреди Меркјури и слични калибри.
Меѓу другите, негови се фотографиите на омотите на клучниот албум на Лу Рид, Трансформер, како и онаа од омотот на Иги Поп и Стуџис, на влијателниот албум „Raw Power.“
Денес Рок има 72 години, најавува изложба на необјавени архивски фотографии од Лу Рид и вели дека му е криво што денешните таленти не можат да се развиваат и обликуваат како некогаш.
„Тие тројца, Рид, Боуви и Поп беа дел од вистинско андерграунд движење. Ги викав „ужасното трио“, имаа острина, си играа на границите и сето тоа беше фасцинантно да се гледа“, рекол за Обсервер фотографот.
Вели дека иако нивното бунтовништво се смета како дел од нивниот имиџ, тој само го сликал она што се случува пред него.
Според Рок, денешните музичари кои имаат свеж звук пребрзо биваат уловени од социјалните мрежи и пребрзо се изложуваат на огромна публика.
„Заради природата на интернетот, за нив денес не постои време би можеле да свират заедно и меѓусебно да влијаат на својата музика. Сè одеднаш станува вирално и сè одеднаш станува глобално успешно.“
Со Лу Рид веднаш се сконтале а ги има запознато Боуви.
„Лу Рид дефинитивно беше гениј и уникатен карактер. Боуви го викаше Мастер“, се сеќава Рок.
Рид веднаш знаел која фотографија ќе се најде на омотот на Трансформер иако се работи за малку дефокусирана фотка, не најпрецизно развиена во темна соба. Боуви воопшто не се интересирал за своите фотографии додека Иги Поп во тие години главно бил избезумен од дроги и алкохол.
„Кој ќе можеше да поверува дека од нив тројца, баш Иги ќе остане жив 50 години подоцна?“, не може да се изначуди фотографот.