Откако 50 години се влечкаше по судови, основачот на легендарниот рок бенд Криденс Клирвотер Ривајвл, повторно ги поседува авторските права на песните на бендот.
Тој ги откупи правата од Конкорд Рекордс, во чија сопственост беа од 2004-та. Од издавачката куќа не откриваат детали од договорот, освен тоа дека мастер-снимките ќе останат во нивниот каталог и дека ќе управуваат со уделот на Фогерти на неодредено време.
“Јас сум татко на тие песни, јас ги имам создадено. Не требаше ни да ме бидат одземени,“ порача 77-годишниот Џон Фогерти
Тој ги има правата на песните од соло-кариерата но спорот се водеше околу 59 негови песни кои ги напиша за ККР.
А се води уште од 60-тите, кога во име на Криденси, Фогерти, уште како тинејџер, потпиша договор со музичкиот могул Сол Заенц. Музичарот тврдеше дека Заенц ја искористил неговата младешка наивност па му подметнал лош договор, со кој му биле цицани тантиемите.
Фогерти беше пеач, прв гитарист и автор на најголем дел од песните на бендот што го формираше во 1968-ма заедно со брат му Том, Даг Клифорд и Стју Кук. Големите хитови на Криденси (Bad Moon Rising, Have You Ever Seen The Rain, Proud Mary, Fortunate Son) имаат одбележано цели периоди во светската музика, а во 1969-та имаат продадено повеќе плочи од Битлси.