Стотици македонски музичари и инструменталисти од Скопје секојдневно преку интернет се поврзуваа директно со Холивуд, за потребите на филмот Draft Day во кој главната улога ја има Кевин Костнер, пишува Хафингтон Пост.
Се работи за членовите на симфонискиот оркестар на македонското радио кои се ангажирани за изведување на музиката на филмот, потпишана од американскиот композитор Џон Дебни. Нашиот оркестар од пред некое време се понуди за вакви ангажмани и Холивуд тоа веднаш го препозна како добар начин да се намалат трошоците на продукцијата а да се добие квалитетен производ.
Продукциски зад филмот стои амбициозната компанија Lionsgate во чие портфолио се наоѓа и филмот Hunger Games.
Овој нов вид аутсорсинг на делови од филмската продукција е уште еден удар за еснафот од Лос Ангелес кој постојано губи делови од глобалната битка за работа. Меѓу 2004-та и 2012-та во Калифорнија се угасени 16.000 работни места поврзани со филмската продукција, а снимањето на домашен терен е двојно намалено во последните 15 години. Во 1997-ма година, 64 проценти од филмските блокбастери биле снимани во Холивуд, додека минатата година тој удел изнесува само 8 проценти. Калифорниските музичари веќе протестираа заради снимањето музика во Македонија.
Дека парите се клучниот играч во големиот бизнис сведочи и самото сценарио на Draft Day, филм со буџет од 20 милиони долари. Имено, пвично требало Костнер да глуми главен менаџер на рагби клубот Бафало Билс. Но откако Lionsgate oбезбедил 4,9 милиони долари даночни олеснувања ако филмот се снима во Кливленд, Костнер во филмот станува менаџер на Кливленд Браунс.