Концерт по дефиниција означува колективен настан на кој се слуша музика, а во зависност од жанрот може и да се цупка, да се шизи, да се креваат раце во вис или да се прави „шутка“.
Ама овој концерт е поинаков. Иако на него се присутни милиони луѓе, никој не ти дише во врат, ниту пак ти пречи да гледаш што се случува на сцена. А ако сценографијата изгледа како од некоја игрица, тоа е затоа што концертот всушност и Е тоа.
Во саботата американскиот електронски продуцент и ди-џеј Маршмело имаше десетминутен онлајн настап во нешто што се опишува како „прв концерт во живо во видео игра“, во рамки на Фортнајт: Бетл Ројал, бесплатна онлајн видео игра објавена во 2017, која има над 200 милиони регистрирани корисници. Иако нејзиното симнување е бесплатно, таа заработува од наплаќање на корисниците за облека и други „производи“ во виртуелна валута која важи внатре играта.
Видео снимката oд настанот, која до сега на јутјуб е погледната повеќе од 11 милиони пати, покажува аватари како се ѕенѕаат на ритамот, додека нивните оружја се привремено онеспособени. Виртуелната локација на концертот е таканаречениот Плезент парк од играта. А музиката е тупса-тупса.