Од самите почетоци на здравствената криза предизвикана од коронавирусот, теоријата дека вирусот не е природен ами вештачки е една од најчестите. Иако научници авторитетно го побиваат тоа (види: Не, вирусот не е протечен од лабораторија) приказната си тера свој живот.
Последна варијација на темата е дека јапонскиот Нобеловец Тасуку Хонјо го шокирал светот, предизвикал сензација, се охрабрил, се одважил, најверојатно ќе го убијат.... со тврдење дека вирусот не е природен туку создаден од човек, во лабораторијата во Вухан. Ќе наидете и на детали дека сите битни кои работеле во вуханската лабораторија веќе се мртви, што ја бетонира идејата дека си имаме работа со кварно сценарио на зли и бескрупулозни сили.
Една од верзиите гласи вака:
Јапонскиот нобеловец кој во 2018 ја подели Нобеловата награда за неговите извонредни резултати во изучување на имунологијата, ги обелодени причините поради кои ја обвинува Кина за создавање на смртоносниот вирус кој веќе има заразено и убиено милиони луѓе на светот.
Професорот Хонјо изјави: „Ги познавам кинеските лаборатории во кои вирусот беше усовршуван. Им се имам јавувано многупати откако настана кризата во Вухан, но телефоните се мртви а докторите и техничарите кои беа инволвирани се убиени“.
Професорот додава:
„“Природните вируси се чувствителни на температура и климатски услови. Короната ја загрози секоја нација, без разлика на географијата, климата и температурата. Да беше природен. ќе се ширеше само во Вухан и места со слична клима.
Доктор Хонјо го зголеми влогот на своите тврдења и обвинувања:
„“Ако не бидам потврден после мојата смрт, нека ми ја земат Нобеловата награда“.
Или како што тоа збиено би го пренела српската таблоидна школа:
Сноуп педантно ја расплеткува приказната и нејзините пропратни детали. Твитер акаунтот од кој Хонјо наводно ја потврдува тезата е нов и не е негов. Цитатите не постојат. Хонјо никогаш нема работено во лабораторијата во Вухан. А во интервју кое може да биде потврдено, има сосема спротивни ставови од оние кои лажната вест му ги припишува, дека природен вирус не може да направи толкава штета.
Медицината драматично напредна во последните 20 години, но секој нов вирус бара нов одговор. Физиката и хемијата ги имаат утврдено основните принципи но биологијата е наука која сè уште е во развој и постојат многу работи кои не ги познаваме. Еден нов вирус би можел светот да го преврти на глава. Многумина се прашуваат како тоа, но тоа е реалноста. Заразните болести се комплетно различни од, да речеме, ракот. Заразна болест може брзо да се рашири на огромен број луѓе. Од друга страна, појавата и стапките на преживување кај ракот во голема мерка се константни и затоа експертизата во таа област може постепено да се кумулира.