Гардијан, 5-ти мај 1821

По повод 200-годишнината Гардијан го објави првиот број од весникот кој започнува како неделно издание под името Манчестер Гардијан, со вкупно 4 страници.

Цената на првиот број е 7 пенија, или речиси 2 фунти во денешни пари, што е сериозна сума во тоа време, па весникот е достапен само за богатата средна класа, заради што во прво време излегува во тираж од само 1.000 примероци.  Во 1855 владата ја укинува давачката од 4 пенија по весник, па Гардијан почнува да се продава за 2 пенија и може да се печати како дневен весник.

Првата вест на првата насловна на Гардијан е оглас за изгубено/најдено, во кој се пријавува дека е најдена црна кучка њуфаундленд, и дека истата ќе му биде вратена на сопственикот кој ќе ги опише нејзините белези и ќе ги плати трошоците за нејзино чување. Доколку никој не се пријави по 14 дена, кучката ќе биде продадена за надомест на трошоците за нејзино чување.

Освен овој оглас, најголемиот дел од насловната е покриена со огласи, реклами и соопштенија, од книги и машини за правење запчаници за велосипеди, до каиши за кила, издавање на магацински простор и книга со рецепти за јадења од зеленчук и апстинирање од месо и алкохол.

Главните вести почнуваат на втората страна од весникот, и тоа прво вестите за надворешни работи, па потоа извештаите од работата на Парламентот, рецензија на книга и едиторијал на Гардијан.

На третата страна се локални вести за Манчестер и регионот, писма од читатели, бројки од локалната болница и извештај од тамошната банка. Последната страна почнува со поезија, па има временска прогноза и списокот на банкротирани.

Во првите години Гардијан има тираж од 3.000 примероци, во 1850-те ова го надминува бројот од 20.000, па 100.000 во 1940-те и половина милион во 1980-те. Во 2020 бројот на уникатни месечни он-лајн посетители на Гардијан надминува 200 милиони.

На 5 мај 2021 беше отпечатено 54.337-то издание на Гардијан.

 

5 мај 2021 - 09:20