Ставот на Фејсбук е дека парите кои ги заработува од рекламите што се појавуваат покрај вестите од австралиските медиуми објавени на социјалната мрежа се премногу безначајни за да ги споделува.
„Ако на Фејсбук во Австралија не се појавуваат воопшто новински содржини, ние сме уверени дека влијанието врз статистиките на Фејсбук и нашите приходи во Австралија нема да биде значителни.
Имајќи ја предвид општествената вредност и бенефитите за новинските медиуми, ние силно претпочитаме да продолжиме да им овозможуваме на медиумите нивните содржини да бидат достапни на нашата платформа,“ порачуваат од Фејсбук.
Реакцијата на компанијата се однесува на намерата на Австралија да ги присили Фејсбук и Гугл да почнат да ги споделуваат парите од маркетинг што ги заработуваат од ре-објавувањето вести на своите сајтови.
Поддршка за ова властите имаат и од двете најголемите медиумски компании во земјата Њуз корп и Најн ентертејмент, според кои кризата меѓу тамошните медиуми главно е предизвикана од Гугл, Фејсбук и останатите технолошки компании кои го присвојуваат најголемиот дел од маркетингот без да создаваат никаква содржина, а притоа имаат и нефер однос кон медиумските компании кои ги креираат содржините.
Ваквата загуба резултираше со кратење на работната сила и банкроти низ медиумскиот сектор. Во изминатите неколку години само во Австралија затворија или престанаа да работат над 170 редакции и весници.
Процената на австралиските власти е дека годишно Гугл и Фејсбук заедно во земјата заработуваат 4 милијарди долари од рекламирање. Барањето на медиумите е барем 10% од тие пари секоја година да им се префрлуваат на новинските организации.