Џо Роган „го папаше“ заради пари и пица

Популарниот водител навлече бурни реакции од вечно дежурните разбудени кои везден бранат некого и се фаќаат за збор. Во случајов гревот на Роган е што рече дека не гледа ништо страшно во забелешката дека Евреите сакаат пари, слично како што Италијанците сакаат пица.  

Џо Роган е повторно на дневен ред на загрижените бадијалџии заради коментари изнесени во неговиот поткаст. Овојпат му се сипаа дека ја брани конгресменката Илхан Омар, наводно преку антисемитска реторика. Во прашање е вообичаениот стереотип дека Евреите сакаат пари, за кој Роган верува дека е безопасен, но овие не мислат така. 

Роган ја интервјуирал репортерката Кристал Бел, за еден твит од 2019-та година на Омар кој неодамна водеше до нејзинот отстранување од Конгресните комитети.

Во спорниот твит таа вели дека оние во американската политика што го бранат Израел го прават тоа за пари, а не заради некаква етика. 

Она што Роган го кажа следно му навлече беља:

„Идејата дека Евреите не сакаат пари е смешна. Тоа е како да кажеш дека Италијанците не сакаат пица. Глупо е“, изјави Роган.

Според Американската лига против клевети и нејзиниот прв човек Џонатан Гринблат, ваквите стереотипи, особено дека Евреите сакаат пари, беа користени во минатото за да се оправдува насилство. Твитна и дека тоа оти Италијанците сакаат пица е стереотип кој не ги опфаќа сите Италијанци. 

Ваквите „инциденти“ отвораат поширока дискусија дали воопшто може да се каже било што за некоја поширока група луѓе, а да не се биде погрешно сфатен. Заканите со канселирање маваат по различни делови од идеолошкиот спектар. Трој Бејкер од The Last of Us се најде на нишан промовирајќи НФТ. Луис СиКеј и Кети Грифин, идолошки на две различни страни, своевремено се најдоа канселирани иако сега повторно работат. 

„Откажувањето, и стравот дека ќе бидеш откажан, се бесмислени и залудни обиди кои нема да решат ниеден од реалните проблеми на светов. Роган ќе продолжи да интервјуира, Гринблат ќе продолжи да твита, а светот ќе продолжи да се врти“, вели Џонтан Клотз.

13 февруари 2023 - 13:55