Тоа што Дејвид Стефан и неговата сопруга биле во суштина грижливи родители и искрено го сакале својот син не му помогнало на нивниот Езекиел да поживее повеќе од 19 месеци.
Малиот лани починал од бактериски менингитис. Кога се разболел, овие родители од типот не-го-давам-јас-моето-дете-на-тие-купени-од-фармацевтската-мафија-доктори решиле да ги погуглаат симптомите и едногласно утврдиле дека се работи за - грип.
Па Езекиел го лечеле со бибер, лук и рен.
На судот изјавија дека преферираат натуропатски (демек природни) препарати а Езекиел ни еднаш не го однеле на лекар заради "негативното искуство на нивното семејство со медицинскиот систем".
Беа осудени и одлежаа по неколку месеци но сега канадската јавност е вознемирена откако во едно гратче, во продавниците за тн "холистичка и алтернативна медицина" осамнал рекламен материјал со најава дека Стефан ќе држи предавања на медицински и здравствени теми.
Тој инаку работи за компанија која продава природни суплементи за кои тврдат дека лечат дури и ментални пореметувања како што е биполар, АДХД и друго. Основач на таа компанија е неговиот татко.