Швеѓаните се ранливи од бучава од комшии како Супермен од криптонит. Во повеќето станбени зони куќните редови се ригорозни па после 22 часот се забранети какви било звуци кои може да ги вознемират соседите.
Пријава може да се добие и за најбанални звуци а не па за правосмукалка, бор машина или "се запивме ракија со кумот па едно време удривме на патриотско."
А кога се има, сексот знае да биде и бучен. Таков проблем со своите соседи имал еден шведски твитерџија кој лично му се обратил на министерот за здравство прашувајќи го дали во државата има некој кој ќе ги казни ваквите аудио тортури.
"Моите комшии повторно имаат бучен секс. Вие сте ми единствената надеж: можете ли да ги забраните ваквите вежби после 10 навечер?", прашал човекот.
Министерот Габриел Викстром му одговорил:
"Звучи како да им е убаво. Добро е тоа и за нив и за јавното здравје", твитнал министерот апелирајќи до сите кои имаат слични проблеми да стиснат заби и да издржат.
Епизодата доби бучен одзив во јавноста со оглед на тоа што се надоврзува на нивната актуелна тема зошто Швеѓаните имаат сè помалку секс. Од пет пати месечно во 1996-та до 3,8 пати во 2013-та.
Министерот за здравство своите препораки не ги искажа брутално како што тоа овде би било случај туку ги испорача скандинавски елегантно:
Имаме пад од 24 проценти. Кога би зборувале само за слобода на изборот, тоа не би било проблем; јасно е дека државата не би требала да им кажува на луѓето колку пати би требало да имаат секс. Меѓутоа, тоа води кон стрес, притисок, неисполнетост и други чувства заради кои човек се чувствува уште полошо. Луѓе сме, ни треба интимност", рече 31 годишниот шведски 'еквивалент' на Никола Тодоров.