Швајцарија до проститутките: Работете но држете социјална дистанца

Сексуалните работнички во Швајцарија од следната недела ќе можат да продолжат со работа (кој сака, може и од дома). Подготвени им се и соодветни протоколи со препорачани практики за држење социјална дистанца. Во мирнодопски времиња тоа се викаа пози.

За разлика од нивните холандски колешки на кои им беше кажано дека нема да работат најмалку до септември, сексуалните работнички во Швајцарија продолжуваат на работа на 6-ти јуни. Истовремено, оние што тренираат џудо, танц или бокс, ќе мора да почекаат подобри времиња и тие да добијат зелено светло од властите.

На наведениот датум се отвораат и кино салите, ноќните клубови и јавните базени но на неодредено време остануваат забранети оние спортови и активности кои вклучуваат „близок и постојан контакт“ (до пандемијава ќе се кладевме дека и сексот вклучува „близок и постојан контакт“).

Швајцарскиот министер за здравство призна дека враќањето на 20.000 сексуални трудбенички на нивните работни позиции додека други, помалку интимни активности остануваат забранети, на многумина може да им изгледа бизарно но верува дека постојат начини како таа дејност да се обавува безбедно.

Организацијата на швајцарските секс работнички издаде упатства и препораки за држење социјална дистанца во работното време, меѓу кои и препорачани односно прифатливи пози (да, оние кои го избегнуваат соочувањето лице в лице). Од другите мерки се препорачува често проветрување на просториите, менување постелнина после секој клиент, избегнување ангажмани во непроветрени возила а генералното правило за растојание од 1,5-2 метра е прилагодено на спецификите на дејноста и изнесува „растојание од најмалку еден лакт“.

Скоро па совршено. 

 

29 мај 2020 - 19:29