Многу политички коректни феминистички агресивно го отфрлаат Фројд и психоанализата генерално, како застарени и надминати. На таа тема неодамна лично бев нападнат во Австрија како стар белец кој 30 години не прочитал книга. Она што го прават е да ги потиснат основните сознанија на Фројд, за деловите на личноста и за несвесното - фактот дека луѓето генерално не знаат што сакаат и што посакуваат.
Токму тоа е причината што доброволноста на обата партнера во еден сексуален чин не е доволна за да се исклучи насилството. Дури и со пишан договор или со селфи на двата партнера, тоест со „експлицитна вербална согласност,“ како што предвидува еден нов закон предложен во Јужен Велс. Она што ваквиот поглед го игнорира е фактот дека насилството е иманентно на сексот и дека сексот „како таков“ не е поле за весели задоволства кои биваат искирвени од надворешниот свет на доминација и насилство; садомазохистичкиот елемент е конститутивен за сексот.
Ева Вајсман заклучува дека „Има нешто труло во сексот“ коментирајќи една анегдотална сцена од снимање порно филм, кога актерот ја губи ерекцијата среде акција, па ја баталува голата жена под себе и оди да погледне нешто на Порнхаб за да ја врати ерекцијата.
Се согласувам но би додал една лекција од психоанализата: нешто конститутивно е труло во сексот; човечката сексуалност сама по себе е перверзна, изложена на садо-мазо излети и особено на мешање на реалноста со фантазиите. Дури и кога човек е сам со партнерот/партнерката, нивната интеракција е помешана со фантазиите што го прави сексот да е своевидно „мастурбирање со реален партнер.“. Го користам телото на партнерот за да ги разбудам моите фантазии. А не можеме овој јаз меѓу реалноста на партнерот и светот на фантазиите да го објасниме како вина на патријархатот, социјалната доминација или експлоатацијата. Јазот постои од самиот почеток..
Затоа сосема го разбирам актерот кој посегнал по Порнхаб за да си ја врати ерекцијата, тој барал фантазмична поддршка на својот перформанс. Тоа е истата онаа причина поради која, како дел од една сексуална игра, сакаме да ни зборуваат „валкано“. Дури и кога во раце го имаш главното (голото тело на саканиот партнер) , реалноста треба да биде поткрепена со вербално фантазирање.
Во декември 2016 година, дознавајќи за ненадејната смрт на Кери Фишер, Стив Мартин твитна: „Кога бев млад, Кери Фишер беше најубавото суштество кое сум го видел. Подоцна отркив и дека е и луцидна и остроумна“. Веднаш наиде на лавина осуди дека ја „објективизирал“ Фишер, дека се фокусирал на нејзиниот физички изглед наместо на талентите и Мартин набргу го избриша тој твит. А обвинувањата беа глупави бидејќи тој природно прво ја забележал убавината на Фишер а подоцна „луцидноста и остроумноста“ и цела поента на твој твит е дека таа била ПОВЕЌЕ од само убава. А сите општества имаат свои критериуми за убавина и сексуална привлечност.
Забранувањето да се зборува за вакви работи не ја суспендира само „објективизацијата“ туку и самата сексуалност. Тажната судбина на оние што се „грди“ и на кои им е тешко да најдат атрактивни сексуални партнери така не се решава туку се покрива со игнорирање и оставање да живее андерграунд каде може да се изроди во завист, фрустрации и слично. Друштвото на неебаните (англиски: Incels) се многу поискрени и отворено ја признаваат својата непривлечност обидувајќи се да ја разиграат како симпатична особина.