Затвор за вегани

Лошата вест е што насловот не е комплетно точен, добрата вест е што насловот не е комплетно неточен.

Предлогот за кој треба да гласа италијанскиот парламент предвидува затворска казна за сите родители кои ја ограничуваат исхраната на своите деца на веганска храна. Според предлог законот, ваквите родители наметнуваат исхрана "лишена од клучните елементи потребни за здрав и балансиран раст."

Новиот закон е предложен од пратеничка на Форца Италија, откако во изминатите 18 месеци во јавноста се појавија 4 случаи во кои деца заради неухранетост им без одземени на нивните родители и хоспитализирани.

Во исто време, според нутриционистите, како оние од Американската диететска асоцијација, веганската исхрана е соодветна за деца, меѓутоа мора да се осигура дека децата ја добиваат цела лепеза неопходни хранливи состојки, а посебно витаминот Б12.

Во дел од случаите во Италија докторите изјавија дека родителите на децата најверојатно не разбирале доволно добро како да ја надополнат веганската исхрана за таа да биде безбедна за деца.

Според предложениот закон, прекршителите би се соочиле со една година затвор, освен во случај на трајна повреда или болест кога казната се крева на 4 години затвор, а во случај на смрт казната би изнесувала 6 години.

11 август 2016 - 10:39