Јаболкото да се јаде цело

Американците годишно фрлаат повеќе од 13 милијарди долари само на основа на тоа што ја фрлаат средината од јаболкото. Ете повод за една нова иницијатива за која не сме сигурни колку "ќе се фати".

Јаболкото може да се јаде лупено или не, меѓутоа за тврдиот средишен дел постоеше консензус дека не е за јадење.

Досега.

На стандардниот начин на јадење јаболко не се искористува околу 30 проценти од овошката. Килото во Америка е долар и триесет, што значи дека секој човек годишно фрла 42 долари; кумулативно на ниво на држава, во ѓубре или за свињи одат 13,2 милијарди долари за една година.

Сега велат дека "срцевината не се јаде" е обичен мит. А тоа што е тешка за џвакање била работа на ориентација. Тешка е кога се јаде странично. Ако се јаде по должина (од газот накај главата), срцевината не се ни забележувала.

Ние нема да пробаме, бидејќи во моментов немаме јаболко, од проста причина што немаме ни прасенце во чија уста најчесто сме го гледале.

Но, тоа не значи дека не треба да ви го приложиме правилното упатство за јадење.

Семките сепак не се за јадење бидејќи содржат троа цијанид. До следната прилика кога и нив ќе ни ги препорачаат за нешто.

18 ноември 2013 - 08:55