Конкретната сорта расте само на островот Хокаидо, на изглед е црна како топка за куглање, а на вкус е нешто поблага од останатите сорти. На аукцијата првата лубеница ја купува неименуван бизнисмен "кој ја дава својата баснословна понуда за да ја покаже поддршката за јапонското земјоделство." Во Канада во редовна продажба, Денсуке лубениците чинат меѓу 120 и 250 долари.
И покрај ова Денсуке не е најскапо продаденото овошје од семејството тикви. Во 2008-ма две Јубари Кинг дињи се продадени за околу 23.500 долари. Исто како и Денсуке, и Јубари Кинг се смета како добар луксузен подарок. Географското потекло на дињата е уште поконкретно па се смета за Јубари, само ако е одгледана во Јубари, поранешно рударско гратче на Хокаидо. Дињите обично се продаваат во пар, а регуларно цената им е 225 долари.
Меѓу скапите лубеници на Јапонија се и коцкестите лубеници кои чинат нешто над 100 долари парче. Од неодамна ги има и во форма на срце - големите чинат 350 долари, и со човечки лик, некаде над 400 долари. Формата на сите овие лубеници се прави со пластични или стаклени калапи. Се собираат кога ќе ја постигнат посакуваната големина, а не се чека да созреат. Најголемиот дел од нив не се за јадење.
На страна лубениците, Јапонците имаат фетиш и за грозје, конкретно за сортата Руби Роман. Грозјето мора да биде од префектурата Ишикава, зрната имаат големина на пинг-понг топче, и пред да биде понудено на пазар мора да исполнуваат многу ригорозни критериуми за тежина и количина шеќер. Во 2011-та во Канзава еден ваков грозд беше продаден за 6.400 долари. За да се квалификува во премиум класата, зрното треба да тежи 30 грама. Во 2010-та имаше вкупно 6 премиум зрна од цела жетва.
Јапонците ги имаат и Секаи Ичи јаболката, кои рачно ги опрашуваат и обично се многу големи. Тие се продаваат по цена од 20 долари за јаболко. Најевтин од скапите овошја им се Декопон портокалите, кои треба да се највкусни од сите цитрусни овошја, и чинат околу 8 долари за парче.
"Ниту една друга држава не го цени овошјето толку високо како Јапонија. Зошто е тоа така? Делумно заради економијата на реципроцитетни подароци. Аукциите за овошје во најголем дел се за големи гестови: Јубари дињите, за кои се знае дека си плати над 20.000 долари, се импресивен подарок. Меѓутоа и обичното овошје чини многу. Непрепознатлива лубеница со форма на лубеница може да те чини и до 30 долари. Треба да се има предвид и просторот: нема многу обработливо земјиште, а домашно одгледаната храна има соодветно голема вредност. Меѓутоа многу повеќе го претпочитам прозаичното објаснување од еден неодамнешен текст на Индепендент: Јапонците навистина го вреднуваат своето овошје," пишува Аарон Теир за Лаки Пич.