Космик Крисп е јаболко кое на хартија е совршено. Вкрстено од две сорти, стотици милиони долари се дадени за усовршувања и лабораториски тестирања за сите можни детали, вклучувајќи и тоа како звучи кога се јаде (на филмови користат звук од гриз на кромид или пиперка од што не може да се најде јаболко кое така „пука“). Испитувања се вршени со фокус групи а во лансирањето била користена маркетинг агенција и инфлуенсери, вклучувајќи и поранешен астронаут.
Сепак, јаболково е проблематично заради две причини.
Сите стебла се генетички идентични клонови, што значи дека секое јаболко има апсолутно ист вкус. Наместо диверзитетот на искуства во кој се колнеме деновиве, добиваме апсолутна униформираност на вкусовите, според вкусот на мнозинството консументи.
Друго, заради тоа што јаболково нема никаков генетски диверзитет, ќе биде супер подложно на болести, и ќе мора да се одгледува со користење на голем број на јаки пестициди. Искуството говори дека и покрај пестицидите, во иднина можно е да се појави болест која потполно ќе го уништи па дури тогаш ќе биде весело.
Тоа всушност се случи со бананите. Скоро сите банани на пазарот денес се генетски клонови на сортата Кавендиш, која деновиве изумира од неизлечива болест и мора да се одледува со големи количини на пестициди.