Свештеник од Мозамбик починал обидувајќи се да издржи четириесет дена без храна и вода, период за кој во евангелијата се тврди дека Исус успеал да ги издржи во сличен режим. Нејасно е колку истерал Франциско Бараха, учител и основач на евангелистичката црква Santa Trindade. Некои репортажи велат 25, некои 38 дена.
Во онаа на Дејли Бист се наведува дека здравјето му се влошило на 25-тиот, а починал на 38-миот ден. За сето време ниту јадел нешто ниту пиел вода, но за второво се скептични, со оглед на тоа дека досегашниот Гинисов рекорд за тоа колку човек може да помине без вода е 18 дена. Го спомнуваат и подвигот на илузионистот Дејвид Блејн кој успеал да истера 44 дена само на вода, а Би-би-си спомнува уште два слични случаи каде луѓе се обиделе да го имитираат Христос и завршиле како Бараха.
Во евангелијата по Матеј и Лука, Исус отишол во пустина каде бил искушуван од ѓаволот четириесет дена. Во евангелието по Марко, епизодата е спомната како „Искушенијата на Христос“ но никаде не е спомнато изгладнување, а во оние по Матеј и Лука има дека не јадел храна но не и дека не пиел вода.
Досега најдолгиот регистриран пост е постигнат во средината на 60-тите години, кога еден Шкот по име Ангус Барбиери гладувал цели 382 дена, ослабувајќи 125 килограми, конзумирајќи само витамини и топли напитоци.