Првата жртва на тогаш 23-годишниот Тајлер Тетера, е жена од Тиндер на која и се претставил како дресер на полициски кучиња на тајна задача. Ѝ праќал слики од себе во полициска униформа, од „колеги“, од полициски станици и слично. Ја лажел дека е многу имотен, дека има фирма Емпајр Капиталс, ја CC-ирал во преписки со неговиот непостоечки асистент во кој самиот се именува како „лорд“. Ѝ дал и бизнис совет, да ја зголеми својата кредитоспособност така што ќе му купи кола на нејзино име. Му купила. Ѝ побарал и ајфон зашто имал проблеми со Спарк и Водафон. Му купила.
Откако престанале да се гледаат, а се гледале цели 8 месеци, телефонот го задржал а колата ја вратил, исчукана и спремна за генерален ремонт.
Наскоро уследил негов камбек на Тиндер, овојпат со женски лик. Креирал профил со фотографии здиплени од интернет, се нарекол Тори, ангажирана во антикорупциска операција. Нашла вистински полицаец кого го убедила да и ја предаде службената кола, за во неа да ставела прислушен уред. Абдалот неколкупати го предал возилото, и тоа лично на Тетера, убеден дека се работи за најзин соработник од антикорупциска. Подоцна ѝ го дал и панцирот, исто така „за потребите на истрагата“. И тој на Тетера/Тори им купил ајфон. „Вредеше и само заради возењето на колата“, изјави на суд Тетера, кој никогаш немал возено Холден Комодоре.
Каде одел со полицискиот автомобил и за што му бил панцирот дознаваме од третиот случај. Исто на Тиндер нашол 32-годишен човек, татко на две деца, кој работел како обезбедување, но цел живот мечтаел да биде полицаец (слично како Ренди од Трејлер парк бојс). Повторно претставувајќи се како Тори, која во ова сценарио е водник во Одделот за борба против организиран криминал, му понудил да се запознае со нејзиниот шеф кој би можел да му помогне за работа во службите. „Шефот“ (читај: Тетера) дошол на запознавање со полициски автомобил и во службен панцир. Попат го убедил да купи скап часовник и да подигне кредит кој овој го земал со парите од штедните книшки на сопствените деца.
Каде е тука сексот? Баш со оваа, третава жртва, да повториме, 32-годишен човек со две деца. Зошто? Само еден Господ знае.