Неколку месеци откако се избања, почина највалканиот човек на светот

Деновиве во Иран почина човекот кој повеќе од 60 години одбива да користи вода и сапун од страв дека ќе го разболат. Аму Хаџи имаше 94 години.

Аму Хаџи, прекар кој во Иран нагалено се користи за постари луѓе, со децении се спротивставува на обидите на неговите соселани да го избањаат со вода и сапун. И така до пред неколку месеци кога решава да попушти и да се избања.

Според иранската новинска агенција ИРНА, кратко по бањањето Аму Хаџи се разболува и не оздравува се до неговата смрт.

Освен што не се бања, 94-годишниот Аму Хаџи и одвратно се храни, па неговата исхрана се состои од скапано месо и нечиста вода која ја пие од старо канче за нафта. Во интервју од 2014 тој открива дека омилено јадење му е бодликаво прасе. Аму Хаџи бил и страстен пушач, кој кога нема цигари, палел луле со животински измет.

Во истото интервју тој објаснува дека обидите на соселаните да го избањаат или да му понудат чиста вода за пиење го растажуваат.

26 октомври 2022 - 09:38