Тоа е човек кој докторира геологија но подоцна го наоѓа креационистот во себе и тоа му станува главната животна преокупација. Таков е Ендру Снелинг со докторат од Универзитетот во Сиднеј кој ја тужи управата на Гранд кањонот за верска дискриминација.
А дискриминацијата е во тоа што побарал да земе 60 камења од кањонот за „научно истражување“ а овие го одбиле. И тој сега е убеден дека ваквото ускратување материјал му ја нарушува уставната привилегија за слобода на верското уверување.
Од управата не се впуштаат во уставни толкувања само оценуваат дека тужбата му е многу неквалитетно напишана (односно дека е камен за пишување тужби). Притоа потсетуваат дека Снелинг го познаваат како организатор на рафтинзи со библиски теми по кањонот (што и да е тоа) и дека за него нема податок за научно-истражувачка дејност уште од 1982 година.