Воркрафт во САД за првиот викенд мина полошо и од некои од најголемите филмски (финансиски) разочарувања како Батлшип, Осамениот Ренџер, или Фантастичната четворка. Затоа пак во Кина тие поставија рекорд за најголема заработувачка на прв викенд за странски филм. Уште една бројка околу успехот во Кина е што Воркрафт за викендот заработи повеќе пари отколку последниот дел од Ѕвездени војни во целото нивно кино прикажување во Кина.
Иако и до сега добар дел од скапите филмови заработуваат голем дел од парите на кино-благајните вон САД, оваа заработувачка обично се движи околу 50% од вкупните приходи, "Воркрафт е на пат да биде американски филм со најголема заработувачка со најнизок процент на приходи од американскиот бокс-офис."
Успехот на Воркрафт во Кина потврдува некои претходни предвидвуања според кои кинеската киноблагајна, уште во 2017-та може да ја надмине американската. Само во 2015, приходите од Кина пораснаа за речиси 50%. Сепак посериозното влијание на кинеските киноблагајни е ограничено од тамошните закони кои годишно дозволуваат премиера на само 35 странски филмови.