Стивен Кинг и тоа како е познат по тоа што знае да напише нешто што ќе го престраши светот. Но, овојпат хоророт не е во неговите фикции туку во нешто што го кажа за реалниот свет. А реакциите се помалку страв а повеќе гнев.
Како што знаете, неодaмна беа објавени официјалните номинации за овогодинешните оскари и како што е ред последниве години, едни од најгласните критики беа оние за недоволен диверзитет (расна, родова, социјална и друга шареноликост) во одбраниот пул. Тоа е се оние кругови кои дигаат врева и за тоа зошто нехендикепиран актер да глуми хендикепиран лик кога за тој лик може да се најде хендикепиран актер (а зошто неубиец да глуми убиец?).
72 годишниот писател реши да се произнесе по тоа прашање и да објасни како тој гледа на тие работи.
„Јас никогаш не би размислувал за диверзитет кога станува збор за уметност. Само за квалитет. Поинаку би било погрешно. Најважното нешто што можеме да го направиме како уметници и креативни луѓе е да овозможиме сите да имаат фер шанса, без оглед на нивниот пол, боја или ориентација. Во моментов таквите луѓе се слабо претставени, не само во уметноста.“
Меѓу погодените бранители на непишаните рамковни договори по кои функционира денешниот Холивуд, се најде Ава ДуВерне (режисерка на When They See Us) која се разочарала од својот идол
„Ќе се разбудиш, ќе медитираш и ќе се истегнуваш, ќе посегнеш по телефонот да го провериш светот и ќе видиш твит на некој кому му се восхитуваш а кој е толку назаден и неупатен што посакуваш да се вратиш во кревет“, пиша режисерката.
Значи, да не може човек на раат да се растегне и да медитира, а светот во меѓувреме да не отиде по ѓаволите.