Деценијата на неприкосновена Дизни доминација

Деценијата не само што се уште трае, туку како што покажаа рекордите од Црниот пантер, моментално е во најголемиот ек.

На состанок од почетокот на март, првиот човек на Дизни, Боб Ајгер, пред инвеститорите на компанијата најави две работи. Првата е околу Фокс срчлајт, студиото во рамките на 21 Сенчури фокс (со кого преговараат за комплетно купување), кое освои 4 од последните 10 Оскари за најдобар филм, вклучително и последниот. Станува збор за мало студио во холивудски рамки кое годишно продуцира околу 8 филмови. Откако во 2010 раскинаа со Мирамакс, Дизни под себе нема „уметничко студио“.

Втората работа е Црниот пантер, кој со заработувачка ги надмина очекувањата на комплетната фела, од директори и експерти, до аналитичари, фанови и публика. Последен филм што 5 викенди по ред бил најгледан во американските кино сали е Аватар на Џејмс Камерон. Аватар е вториот филм по заработувачка во САД на сите времиња. Првиот е уште едно дело на Ајгер, Ѕвездени војни: Будење на силата.

Успехот на Црниот пантер значи дека 6 од топ 10-те филмови со најголема заработувачка на кино-благајните доаѓаат од Дизни групацијата, и сите овие се од изминатите 6 години. Мало проширување на опсегот, покажува дека кај топ 20 Дизни има 12 филмови. Ниту едно друго студио нема повеќе од 3.

Со купување на Лукасфилм, Пиксар, Марвел и наскоро Фокс, „Ајгер за време на своето владеење категорично и систематски се здоби, го ремоделираше, и им предаде цел сектор од ентертејмент бизнисот на неговите најпосветени фанови.“

По успехот на Црниот пантер, и не толку успешниот на кино-благајните „Набор во времето“, следниот месец Дизни го пушта третиот Авенџерс, кој моментално руши рекорди за претпродажба на влезници.


Еден месец подоцна следува Соло: Приказна од Ѕвездени војни. И покрај тоа што имаше проблеми во продукција и менување режисери, филмот сепак доаѓа од Дизни леглото на Ѕвездени војни, кое до сега извади три филмови од франшизата и секој од нив заработи над 1 милијарда долари на глобално ниво.


Три недели по Соло, следува премиерата на Инкредиблс 2, продолжение на еден од најуспешните цртани филмови на Пиксар.


Во јули Марвел се враќа со Ант-мен и Восп, филм кој најверојатно ќе биде потценет и ќе ги надмине очекувањата, како и првиот дел кој заработи 519 милиони долари на светско ниво.


Во август на ред е Дизни студио со Кристофер Робин, филмот за Вини Пу.


Септември и октомври Дизни ќе паузира, за во ноември да се врати со филм Оревокршачката и втор дел од цртаниот за Ралф.


Годината Дизни ќе ја затвори со Враќањето на Мери Попинс.

„Секој од овие филмови - вкупно 11 - се базираат на претходно постоечки сет на карактери и секој еден од нив ќе биде изгланцан до корпоративно магична перфекција...

...Еден работа на светот што Дизни не знае добро да ја направи е да освои награда од традиционалната филмска индустрија. Во овој век, компанијата само 2 пати е номинирана во големите 6 категории за Оскар, во 2009 ’Нагоре’ беше номиниран за најдобар филм, а исто и ’Приказна за играчките’ една година подоцна. И со овие две Дизни има вкупно 4 вакви номинации во својата 80-годишна историја. Ама наградите едноставно не се дел од стратегијата, посебно откако Мирамакс си замина,“ пишува Шон Фенеси во текстот за Рингер.

21 март 2018 - 15:45