„Нашите родители нè носат на светов ама нема тие да го живеат нашиот живот за нас. Нема начин како да се предвиди вашата иднина или иднината на вашето дете - ама за тоа може да се гарантира дека ќе има осаменост, разочарување, фрустрации, стравови, болести, долги работни часови и болка.
Репродукцијата и родителството лажно се претставуваат како нешто гламурозно. Никогаш не сум нашла логика во идејата дека родителството некако емоционално те воздигнува,“ објаснува писателката, борец за права на животните и анти-наталист од Питсбург, Даен Банди.
Банди за анти-натализмот дознава пред 6 години, и од тогаш е упорно активна на темата како што овој жанр на луѓе знае да биде упорен, со Фејсбук група, со ЈуТјуб канал и слични он-лајн помагала посветени на луѓе што ги интересира зошто сите треба да престанат да имаат деца.
Движењето своето потекло го составува штрбнувајќи благонаклонети делови од учењата на најразлични филозофи кои заради една или друга причина покажале анти-наталистички тенденции. Па, таму има нешто од Хомер и Софокле, до Шопенхауер или Норвежанецот Запфе.
Најпознат модерен поборник на анти-натализмот е Дејвид Бенатар, професор доктор по филозофија на Универзитетот во Кејптаун, кој тврди дека животот „е бесмислено страдање кое може да се избегне“. Во книгата „Better Never to Have Been: The Harm of Coming Into Existence“ Бенатар пишува:
„Оптималната популација на Земјата е нула. Причината зошто се фокусирам на спречување луѓе е за нивно добро бидејќи тоа е единствен начин да се гарантира дека луѓето нема да страдаат.
Никој нема да биде повреден од друг човек и ниту еден човек нема да биде насилен или да изврши криминал врз други луѓе ако не е роден. Запаметете дека сите криминалци некогаш биле мали бебиња или невини деца.“
Сите анти-наталисти како по правило започнуваат како вегани, кои потоа се надградуваат. Преклопувањето се должи на тоа што и двете филозофии потпаѓаат под идејата за „намалување на штетата“ што луѓето ја прават на Земјата. Логиката им е дека кога веќе нивната исхрана се базира на растенија со цел да се намали загадувањето и оштетувањето на Земјата, „некомпатибилно е, па дури и хипокритично, да се создаваат деца кои само дополнително ќе помогнат во исцрпувањето на ресурсите на планетата, ќе придонесат за пренаселеност, и кога ќе станат возрасни ќе го отфрлат веганството и сами ќе имаат свои деца.“
Самата Банди верува дека преставува двоен стандард веганите да имаат биолошки деца кога има деца што можат да ги посвојат.
Дури и луѓе што се популарни меѓу веганите, како авторката на веганскиот блог Моркови и цвеќе, која не е дел од ова движење, беа нападнати и критикувани од своите следбеници за тоа што решила да има деца. Критиките се дека веганите како освестени луѓе треба да избегнуваат „човеко-центризам“ и да посвојуваат наместо да додаваат уште луѓе на планетава.
А не дека позициите на анти-наталистите научно не се издржани, според бројки и симулации од повеќе студии се потврдува едноставната логика дека помала популација на планетава би значело и помало загадување и помало трошење ресурси.
Главниот проблем на анти-наталистите е дека дури нивното однесување околината и да не го доживува како секташко, речиси и да нема религија или идеологија на светот што не ја смета репродукцијата за еден од своите столбови.