1. НЕ ПИЈ ПИВО
Ова е многу важно, и веројатно го имате чуено и претходно. Секој пат кога пиеш пиво е исто како да јадеш седум парчиња леб. Што е многу леб.
2. КОНТРОЛА НА ПОРЦИИТЕ
Ова е посебно важно кога јадеш во ресторани. Добра финта е уште на почеток да го преполовиш оброкот и да им кажеш да ти го спакуваат за дома, па остатокот подоцна ќе го изедеш. Уште е подобро кога би можел одма да почнеш со јадење чисто месо и зеленчук. Инстантно слабееш.
3. НЕКА ТИ ГО СКРШАТ СРЦЕТО
Ама не само да ти го скршат; него да ти го распарчат. На најмали, пинцурски мали делови, од девојка што никогаш не те сакала и никогаш нема да те сака.
Е, после ова запиши се на билдинг. Почни редовно да одиш на вежбање, а и покрај тоа што не се разбираш многу во вежбање и изгледаш премногу слабо за да кренеш што било освен бучиците од 2 кила и да ги користиш кардио машините со старите луѓе, упорно прави го ова се додека на патос не почне да се прави вир од твојата пот. Потоа оди дома и рано легни си и следниот ден повтори го сето ова. И после пак. И после пак.
Слушај ги муабетите за твојата бивша како се ебе наоколу со грозни и ужасни луѓе, муабети од твоите другари што мислат дека ти вршат работа. Оди на вежбање и прави уште вирови пот. Купи книги. Учи за различни мускулни групи и како тие работат заедно. Почни здраво да се храниш. Научи за исхраната. Планирај ги оброците за цела недела. Пробај да ја заборавиш.
Една вечер после работа, пешачи се до најгорниот кат на катната гаражата и врати се назад. По пат гледај ги сите светла што трепкаат на облакодерите во центарот на Лос Анџелес и размислувај за тоа како секоја од тие канцелариски сијалици претставува еден човек. Обиди се да замислиш како тие се чувствуваат. Што прават тие сега; дали им фали некој посебен, дали се запрашуваат дали тие му недостасуваат на некој посебен. Потоа сфати дека најголемиот дел од тие сијалички веројатно светат во канцеларии без ниту еден вработен во нив, освен чувар до два. Разбери дека си сам, дека зјапаш во празно. Крени ја крагната да те заштити од студот и оди дома на вечера од единичен пилешки стек и барен зеленчук. Оди на спиење. Оди назад на работа. Оди на вежбање. Поти се.
Купи вага. Избери посакувана тежина. Замисли си ја тежината како светилник на врвот на ридот. Ти си на дното, во мракот. Зборувај со нејзе на работа. Примети како чудно оди на штикли и како и е недоветна насмевката кога те погледнува. Почувствувај како нешто те стега во градите. Мисли на вежбањето и која мускулна група ќе ја работиш вечер.
Качи се на патеката за трчање. Туркај се себе си до 3-то ниво, потоа до 4-то ниво. Потоа 6-то. Трчај што можеш побрзо се додека не почнеш да чувствуваш дека ќе умреш. Стигни до 10-то ниво. Моли се да умреш. Мисли на тоа колку лошо таа прави да се чувствуваш. Најди сила за да продолжиш.
Подоцна истата вечер, направи ја грешката да го отвориш нејзиниот Фејсбук и Инстаграм профил. Почни да се чувствуваш подолно отколку што си мислел дека е возможно. Избриши ја од Фејсбук и пробај да заборавиш што се случило. Таа со други прави работи кои ти си ја молел да ги прави со тебе. Таа одлично си поминува и без тебе, а ти си го трошиш животот слушајќи ја Тејлор Свифт на рипит, правејќи вирови пот на подот во вежбалната.
Гледај како твојот живот се сведува на четири работи: 1. работа, 2. вежбање, 3. храната што ја јадеш, и 4. спиење. Таа го носи ѓерданот што ти си и го купил и ти кажува дека го добила "од некој кој е вистински посебен." Вечерта откриваш дека "Ангел на смртта" од Слеер, веројатно е перфектна песна за чучњеви.
Почни да стекнуваш пријателства на вежбање. Винс и ти се пазите во среда; со Чејс се пазите во петоци. Порано ти беа смешни поздравите со тупаница - ама затоа што гледаш дека редовните во вежбална така комуницираат, тоа станува и твој јазик. Работи, вежбај, јади и спиј. Пак и пак. Уште вирови пот. Уште билдерско поздравување. Имаш истрчано илјадници километри и кренато илјадници килограми.
Почнуваш да забележуваш нови луѓе што вежбаат и сфаќаш дека си направил нешто стварно невозможно: си станал еден од редовните членови. Од време на време, ти си последниот што ја напушта вежбалната. Се трудиш да стигнеш порано на вежбање, ама твоите вежби се протегаат од еден час до деведесет минути до два часа. Сега рутински си последен на вежбање. Трчаш. Креваш. Правиш уште вирови.
Телото полека почнува да се менува, после тоа одеднаш - ти си слаб и со мускули. Ја постигна твојата тежина, избираш нова, и пак продолжуваш. Одиш и купуваш нови алишта. Комплиментите ти доаѓаат на бранови. Бившата ти кажува дека се гледа со некој друг. Те стега нешто во градите. Се чувствуваш истоштен.
Вечерта одиш на вежбање. Ги слушаш сите нејзини омилени песни. Трчаш уште подалеку и креваш повеќе отколку што си мислел дека телото може да ти издржи. Ова е добро вежбање. Те остава во болка. Одиш дома и го јадеш единичниот стек и барениот зеленчук. Одиш да спиеш. Сонуваш црн вир без дно.
Уште пред неколку месеци престана да пиеш алкохол, па сега кога излегуваш во град или на забави не зборуваш со нови луѓе. Ама со твоето ново тело и нова облека, прекрасни жени постојано сами си доаѓаат. Еднаш, жена буквално сама ти дојде, ти кажа дека мисли дека ќе бидеш одличен во кревет и ти даде салфетка со нејзиниот број. Како што разговарате, а нејзината рака се потпира кај тебе на гради под кошулата, се што ти доаѓа на памет е колку ти е важно да си го подобриш најдоброто време на спринт преку паркот што ти е во комшилук. Вечерта кога доаѓаш дома анализираш кои се најдобри патики за трчање и кликнуваш "купи". Патиките се сто долари. Салфетката со телефонот оди во ѓубре.
Има една девојка на вежбање која цело време прави некои чудни вежби за нозе што никогаш ги немаш видено. Убава е. Се трудиш да не гледаш во неа - затоа што си претерано загрижен дека ќе изгледаш како манијакот во сината маичка што никогаш не носи долна облека и цело време се мотка околу машината за грб - ама забележуваш дека девојкава секогаш е на вежбање во исто време кога си и ти, и некако секогаш ја избира клупата до тебе. Ги попушташ Слеер и се концентрираш да направиш уште поголеми вирови.
Бившата постојано наоколу го парадира новиот дечко, игнорирајќи те цело време. Повисок е од тебе, подобро навежбан, поубаво изгледа, и - според хорот од заеднички пријатели - доаѓа од семејство со пари. Додека ја гледаш како го запознава со сите освен со тебе, памтиш како нејзините сини очи светнаа под панорамското тркало кога на нејзиниот роденден и ја даде бразлетната што ја носи. Кај тебе во џеб, раката сама се стиска во тупаница.
Вечерта од место креваш тегови еднакви на твојата тежина. Скришно правиш фотка од себе во огледалото и си ја праќаш на меил со наслов "Ти си воин". Следниот ден ти се згадува од самиот себе и ја бришеш.
Правиш вир по вир по вир и јадеш единични стекови и работиш и спиеш и времето станува топло и потоа станува студено и ги знаеш на памет сите песни на Тејлор Свифт и единствена работа што постои во целиот Универзум сте ти и вежбањето, и тогаш нешто поинакво се случува: доаѓа една вечер кога ти не си последниот човек во вежбалната.
Туку сте ти и девојката со чудните вежби за нозе. На крај излегувате надвор во исто време.
Се вика Мелиса и работи во зградата до твојата. Таму работи две години. Те кани на вечера во петок, ветувајќи дека ќе биде здрава храна. Вежбите за нозе се Pivoting Curtsy Lunges.
Почнуваш често да ја гледаш Мелиса, и на вежбање и надвор. На никого не му кажуваш. Додаваш уште неколку денови за опуштање во текот на неделата - за кога двајцата одите на вечера и си го делите десертот - и почнуваш многу помалку да спиеш. Ги откачуваш Слеер во корист на Спрингстин. Винс и Чејс забележаа дека кога трчаш престана да изгледаш како да молиш за смрт. Бившата ти пушта порака доцна навечер за да те праша дали сакаш да одите на кафе, ама ти не и враќаш. Не можеш да се сетиш кога последен пат си ги замислувал вировите.
Една вечер ја испраќаш Мелиса до кола во катната гаража, а таа е паркирана на најгорниот кат. Ти вели дека сака да ти покаже нешто, те фаќа за рака и те носи до крајот на гаражата. Двајцата стоите во мракот и ги гледате трепкавите светла на облакодерите во центарот на Лос Анџелес.
"Нели е преубаво? Сите овие светла," ти вели Мелиса.
И кажуваш да, преубаво е, ама ова те растажува. Сите тие убави светла не значат ништо; тие само светат во студените празни канцеларии во кои нема никој. Мелиса ти ја стиска раката и вели да, секое од тие светла е празна канцеларија - ама тие се празни само затоа што сите луѓе си заминале дома од работа. Сите тие трепкави светла не се тажни; секое од нив е човек кој е дома, и среќен со луѓето што ги сака. Колку е тоа романтично?
Ја гледаш нејзе во светлата и таа се смее. Нешто во твоите гради почнува да се шири.
Едно доцно неделно попладне го пишуваш својот чек за кирија и сфаќаш дека минало точно една година откако почна да вежбаш. Мислиш на сите километри што си ги истрчал и на сите килограми што си ги кренал и на сите пилиња што си ги изел и на сите вирови што си ги направил. И не изгледа така лошо. Ама сфаќаш дека не се работи за постигнување на посакувана тежина, или за дигање на некој тег. Се работи за твојата способност да чекаш. Да чекаш, да бидеш трпелив, и да веруваш дека животот полека ќе продолжи да тече и со тек на време работите ќе станат подобри. Сепак, за промени потребно е време.
Ама и само време е потребно.
4. БЕЗ ОВОШНИ СОКОВИ
Премногу шеќер!!!