ВИ за неколку месеци ќе може да осакатува влади и бизниси

Служби за кибернетска безбедност на пет западни влади во заедничко соопштение предупредуваат дека системите со ВИ веќе се доволно моќни да уриваат системи на влади и бизниси. Временската рамка се мери во месеци. И проблемот не е само Mythos на Антропик. Модели со слична моќ да разбиваат криптографски заштити имаат и фирми од Кина и Јапонија.

Американските технолошки компании сè уште доминираат во индустријата за вештачка интелигенција, но не се толку понапред од конкурентите. Ова го зголемува ризикот од создавање алатка способна да ги пробие заштитите на владини агенции, јавни претпријатија, банки и бизниси низ целиот свет, предупредува сојузот Five eyes, кој ги обединува службите за одбрана од кибернетски напади на САД, Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд. 

Разузнавачите повикуваат на итен одговор од „целото општество“ на западните земји заради соочување со забрзаниот ризик, преиспитување на долгогодишните компромиси и намерно користење на ВИ за зајакнување на одбраната - не само за подобрување на ефикасноста.

Да, моделот Mythos на Антропик е најсмртоносната кибернетска закана во светот. Но, во Америка OpenAI е блиску. Кина и Јапонија, кои користат многу поевтини модели, се приближија побрзо отколку што предвидуваа разузнавачките агенции, предупредува Five eyes.

Сојузот наведува неколку аргументи што водат кон заклучокот дека заканата од пробивањето на критичните системи е реална и дека временската рамка се стеснува на месеци од сега, а не на години.

Станува сè потешко да се спречи прелевање на напредокот на ВИ надвор од Америка. Јапонската компанија Сакана АИ го лансираше моделот Fugu Ultra, за кој тврди дека може да се префрла помеѓу разни јавно достапни модели и да достигне перформанси на ниво на Mythos со користење на трудот на американските лаборатории.

Кина веќе се приближува преку крадење на врвна технологија. Антропик во февруари ги обвини кинеските фирми DeepSeek, Minimax и Moonshot дека нелегално обучувале сопствени модели преку „дестилација“ - користејќи илјадници сметки со милиони размени со Claude. Така добиле евтина кратенка до истражувања во кои Антропик вложил многу време, труд и пари.

Американските лаборатории веќе се попретпазливи со промовирањето на своите врвни модели откако Министерството за трговија на САД пред две недели забрани извоз на моделите Mythos 5 и Fable 5, поради што Антропик немаше друг избор освен целосно да ги исклучи пристапот за сите.

Ова фрла сенка врз изјавата на претседателот Доналд Трамп дека САД „ја победуваат Кина за многу“ во однос на вештачката интелигенција.

Најпривлечниот модел на пазарот сега е  GLM-5.2 на кинеската компанија Z.ai, кој по перформанси е приближно еднаков на врвниот GPT-5.5 на OpenAI, но за пет пати помала цена за користење. Во однос на способностите за програмирање, кинескиот модел заостанува само зад веќе забранетиот Fable. Тоа го прави најдобриот што моментално го има на пазарот.

Сосема е можно Кинезите приватно да имаат работи што се навистина, навистина добри. Би било арогантно и глупаво да мислиме дека имаме најдобри работи само затоа што сме Американци... Кинески воени хакери можеби сега ни се смеат додека се бориме меѓу себе, вели Алекс Стамос, поранешен главен директор за безбедност на Facebook.

И Европа има големи амбиции. Domyn - компанија за ВИ од Милано, минатата недела објави дека нејзиниот проект Europa е фронтален модел на вештачка интелигенција со отворен код кој ќе ги поддржува сите 24 официјални јазици на ЕУ. Domyn (порано iGenius, кој беше опишан како „Ферари на ВИ“) соработуваше со Nvidia за да го изгради Colosseum - најмоќниот суперкомпјутер во Европа.

24 јуни 2026 - 16:10