Вештачкото Сонце на Земјата го доби своето магнетно јадро

„Светиот грал“ на енергијата, чудото од фузиски генератор ИТЕР, конечно ја доби својата централна компонента – најголемиот магнет во светот. Реакторот е замислен да биде контролирано Сонце на Земјата што ќе создава практично неисцрпна струја хранејќи се со вода и без загадувања. Трошоците скокнаа четирикратно, но што се 20 милијарди за неисцрпен извор на енергија.

Најмоќниот магнет во светот, кој може да крене носач на авиони од морето, конечно е вграден во експерименталниот фузиски реактор ИТЕР во јужна Франција.

Компанијата Џенерал атомикс го испорача последниот шести модул од Централниот соленоид – масивниот цилиндричен магнет во реакторот „токамак“ во форма на торус, посликовито како внатрешна гума од тркало.

Кога ќе бидат поврзани сите делови, соленоидот тежок 3.000 тони ќе генерира магнетно поле 280.000 пати од она што го има Земјата. Полето ќе создаде невидлив кафез со плазма што ќе ја вжешти до 150 милиони Целзиусови степени – десет пати пожешка од јадрото на Сонцето.

Потпорната структура на Централниот соленоид е конструирана да издржи сили еквивалентни на двојно поголем потисок од лансирање на вселенска ракета. За да се одржи суперспроводливоста, со течен хелиум системот ќе биде разладен на температура од минус 269 Целзиусови.

Целта е ИТЕР да има фузиска моќност од 500 мегавати на влезна грејна моќност од 50 мегавати. Тоа значи десет пати повеќе испорачана енергија од вложената.

Реакторот всушност ќе го копира процесот што му ја дава енергијата на Сонцето – ќе составува водородни изотопи во хелиум. Фузијата не произведува долготраен радиоактивен отпад и користи изотопи на водород што се во изобилство во морската вода.

Проектот е и редок пример на геополитичка соработка на Европа, Кина, САД, Русија, Индија, Јапонија и Кореја. Сите седум членки придонесоа Системот содржи повеќе од 100.000 километри суперспроводливи жици.

ИТЕР не е планиран за да генерира струја, туку ќе служи како огромна истражувачка лабораторија за членките во проектот, обезбедувајќи критични податоци за оптимизирање на комерцијалните електрани со фузија во наредните децении.

Првата плазма треба да биде уфрлена во токамакот во 2033 година, а до 2039 ќе се премине на гориво од изотопи на деутериум и тритиум.

1 мај 2025 - 12:29