Робот крена рака врз луѓе

Двајца Кинези едвај спасија жива глава од хуманоиден робот што ненадејно и неконтролирано се размавта во халата во која бил изложен. Добрата вест е што никој не бил повреден. Лошата е очигледна од снимката што го обиколи светот и е крајно вознемирувачка. Мала грешка во кодот може од кроток робот да направи убиствена машина. А што ако некој намерно го програмира?

Роботот што крена рака против луѓето е идентификуван како Unitree H1 на кинеската компанија Unitree Robotics. Моделот бил изложен на јавен технолошки настан и „збеснал“ кога двајца посетители ги проверувале неговите способности.

Истрагата покажала дека роботот немал намера да повреди никого, туку реагирал на грешка во критичниот дизајн. Програмерите наводно не предвиделе дека може да се збуни ако е обесен и не чувствува дека под нозете има цврста површина.

Овој модел се продава за 650.000 јуани и се рекламира како „хуманоиден робот што може беспрекорно да се интегрира и ефикасно да работи во средини дизајнирани за луѓе“.

Верзијата „3.0 Evolution“ веќе постигна нов Гинисов рекорд за најбрз хуманоиден робот, со линеарна брзина на одење од 3,3 метри во секунда на рамна површина.

Инцидентот ја урива довербата во безбедноста на роботите. Иако е конструиран за сосема други задачи, Unitree H1 на социјалните мрежи го споредуваат со „терминатор“ или „робокоп“. Неговото агресивно однесување е прекршување на Првиот закон на роботиката на Исак Асимов: „Робот не може да повреди човек, ниту со неделување да дозволи повреда на човек“.

Хуманоидните роботи забрзано ги интегрираат на разни позиции околу луѓе, не само во фабрики, туку и во ресторани каде што услужуваат гости.

Во март на Лунарниот фестивал во Кина робот што танцувал неконтролирано тргнал кон луѓе, но навреме бил скротен пред да повреди некого преку барикадите.

7 мај 2025 - 10:14