Податоците се новата нафта

Огромните информатички центри за складирање и обработка на податоци веќе се главниот двигател на глобалната економија. Во нив само во текот на оваа година биле вложени 580 милијарди долари, повеќе отколку за експлоатирањето нафта. Голем дел од парите се за обнова на енергетската инфраструктура, бидејќи центрите ќе цицаат струја како незаситни ламји.

Центрите за податоци, кои се користат за развој на моделите со вештачка интелигенција, веќе привлекуваат повеќе инвестиции отколку нафтената индустрија, потврдуваат податоци од Меѓународната агенција за енергија. Само во првите десет месеци од оваа година во нив биле вложени 580 милијарди долари, 40 милијарди повеќе отколку за експлоатација на нови извори на нафта.

ИЕА предупредува дека центрите ќе бидат и најголеми потрошувачи на енергија. Проекциите покажуваат дека потрошувачката на струја од центрите за ВИ ќе се зголеми пет пати веќе до крајот на оваа деценија. И конвенционалните центри за податоци ќе трошат повеќе, но ни приближно толку драматично. 

Една половина од зголемената потрошувачка ќе биде во центрите во САД, а огромен дел од преостанатата половина ќе биде во Кина и во Европа, според проценките на ИЕА.

Повеќето нови центри за податоци се лоцирани покрај големи урбани центри со повеќе од 1 милион жители, покрај веќе постоечки центри. Една половина од новите центри ќе трошат по најмалку 200 мегавати. Забрзаната изградба на вакви центри во кластери во урбаните области отвора големи предизвици. Тие може да ја преоптоварат и да ја прекинат електричната мрежа, предупредува ИЕА.

На некои локации, како во американската сојузна држава Вирџинија, ќе се чека и по една деценија за поврзување во електричната мрежа. Во Европа, Даблин најави дека нема да прима апликации за нови приклучоци до 2028 година.

Критична точка е и синџирот за снабдување - инсталација на кабли, гасни турбини и трансформатори. Компании како „Ампересенд“ и „Херон Пауер“ развиваат трансформатори од нова генерација, кои би биле многу поефикасни од сегашните, изградени со технологија од пред еден век. Новите ќе можат полесно да ја интегрираат струјата од обновливите извори и брзо да реагираат на евентуална нестабилност на мрежата. 

Обновливите извори на енергија би требало да го обезбедат поголемиот дел од зголемената потрошувачка до 2035 година, без оглед на тоа дали земјите ќе се придржуваат до целите за емисии на гасови од фосилни горива. Проценките се дека 400 терават-часови електрична енергија за центрите за податоци ќе доаѓаат од обновливи извори на енергија, а 220 теравати од природен гас. Ако во следната деценија се покажат ефикасни, новите модуларни нуклеарни централи би можеле да додадат уште 190 терават-часови во центрите за податоци.

13 ноември 2025 - 13:21