До 10 јануари во правилата за користење беше нагласено дека се забранува „активност кај која има висок ризик од физичко наштетување,“ по што конкретно беа наведени „развој на оружје“ и „војска и војување“.
По ново Чатгпт има омекната формулација во која и понатаму се задржува правилото за забрана за „користење на нашиот сервис за наштетување на самиот себе и други“ наведувајќи го како пример „развивањето на оружје“, но целосно е избришана сеопфатната забрана за користење во „војска и војување“.
Измената е дел од поголеми промени на правилата за користење, кои ОпенАИ ги прави со цел документот да биде „појасен“ и „почитлив“. Иако е тргнат делот „војска и војување“, портпаролот на ОпенАИ тврди дека тоа и понатаму се подразбира со новите правила.
Иако за сега Чатгпт не се користи директно за војување, пример управување со дронови или воени возила, американската Агенција за геопросторно разузнавање, која директно ги помага воените напори на САД, отворено зборуваше за користење на Чатгпт како помош за анализите што ги прават нејзинтие вработени.
Експертите со кои разговара Интерсепт и кои ги прегледуваат промените што ги прави ОпенАИ, тврдат дека компанијата тивко „ја слабее својата позиција против работење со војската“, па изменетата формулација ја толкуваат како отворање простор за Чатгпт да се вклучи во давање поддршка на оперативната инфраструктура на Пентагон се додека тоа не вклучи директен развој на оружја.