
Одлуката на Нвидиа да вложи 100 милијарди долари во ОпенАИ е историски најголемата инвестиција воопшто во која било приватна компанија. Инвестицијата треба да му помогне на ОпенАИ да изгради центри за податоци со капацитет од најмалку 10 гигавати моќност - опремени со напредните чипови на Нвидиа за обука и развој на моделите со вештачка интелигенција.
Синоќа било потпишано писмо за намери за стратегиско партнерство. Парите ќе бидат испраќани во фази. Првите 10 милијарди долари кога ќе се потпише официјален договор, а ќе се додаваат по 10 милијарди на секој реализиран гигават компјутерска моќност. Според сложените одредби, ОпенАИ ќе плати во готово за чиповите, а Нвидиа ќе добие капитал во ОпенАИ.
Берзите го поздравија спојувањето со раст на акциите на Нвидиа за 3,9%. Вредноста на акциите годинава пораснаа за околу 37% што ѝ помогна на Нвидиа да стане највредна компанија на светот, проценета на повеќе од 4.500 милијарди долари. Вредноста на ОпенАИ, кој е најпотентниот технолошки стартап, веќе се проценува на 500 милијарди долари ако компанијата настапи како профитен субјект.
Компаниите очекуваат партнерството уште повеќе да ги збогати. Новата индустриска гранка на изградба на центри за податоци и нови генерации алатки за вештачка интелигенција е проценета на илјадници милијарди долари на глобално ниво. Технологијата на иднината бара напредни чипови, сервери, системи за ладење и огромни количини електрична енергија.
Десетте гигавати моќност што треба да ги обезбеди спојувањето се огромни. Толку струја троши целиот Њујорк во врвот на побарувачката.
Договорот со Нвидиа ќе обезбеди компјутерска моќ за нови откритија во вештачката интелигенција. Сè почнува со таа моќ. Компјутерската инфраструктура ќе биде основа за економијата на иднината, изјави извршниот директор на ОпенАИ, Сем Алтман.
Нвидиа се позиционира како шампион на домашната технолошка инфраструктура – која е приоритет за администрацијата на Доналд Трамп. Производителот на чипови со седиште во Санта Клара, се надева дека оваа позиција во Белата куќа ќе ѝ овозможи олеснување на ограничувањата за извоз на чипови што ги произведува во Кина.