Матичната компанија на социјалните платформи Фејсбук и Инстаграм ќе мора да им плати вкупно 479 милиони евра на 81 медиум потпишан на заедничката тужба. Заедно со каматата, од речиси 60 милиони, вкупната сума надминува половина милијарда евра.
Незаконското употребување на оваа огромна количина лични податоци ѝ овозможи на Мета да стекне недостижна предност за рекламирање во однос на шпанските онлајн медиуми. Мета ќе мора да ја надомести штетата на приходите од рекламирањето на дигиталните медиуми, објави судот.
Мета беше обвинета дека пет години ги кршела европските антимонополски прописи, пред да ја усогласи својата политика.
Европската Унија во мај 2018 година ја воведе Општата регулатива за заштита на податоците, со која од компаниите што собираат лични податоци од корисниците се бара да им ја заштитува приватноста. Американската компанија дури во јули 2023 година ја ажурирала својата законска основа за согласност за собирање лични податоци.
Вината на Мета не е тоа што користела соодветна технологија за да добие увид во милиони профили заради персонализирано рекламирање. Вината е во начинот на кој ги злоупотребувала личните податоци, со што го прекршила законот во период од пет години. Неприфатливо е тврдењето на компанијата дека строгите регулативи ја задушуваат нејзината слобода за водење бизнис. Мета мора да се прилагоди на законот, а не законот на нејзините капацитети. За пристап до пазар со 450 милиони корисници, секако дека треба да го стори тоа, пресуди судот.
Мета најави жалба против пресудата.
Ова е неосновано тврдење. Не беа претставени никакви докази за предизвикана штета. Намерно се игнорира начинот на кој функционира индустријата за онлајн рекламирање. Мета ги почитува сите закони и на транспарентен начин им даде на корисниците низа алатки за контрола на нашите услуги, објави компанијата на Закерберг.
Ова не е прв пат Мета да ги прекрши нормите за податоци на ЕУ. Во 2022 година, ирските регулатори ја казнија Мета со 265 милиони евра. Шпанскиот суд објави дека пресудата може да влијае на други правни случаи против Мета во Европа.