Мета крие напади врз деца во нејзиното виртуелно царство

Компанијата на Марк Закерберг знаела дека деца под граничната возраст од 13 години се изложени на напади од сексуални предатори во игрите во нејзината виртуелна реалност, но ги уништувала доказите и ги фалсификувала извештаите, тврдат „свиркачи“ од Мета. Ако ги изгуби децата, кои воопшто не би требало да имаат пристап, Мета го изгубила и профитот од виртуелното 3Д-царство.

Четворица информатори ја обвинуваат Мета дека свесно и намерно ги прикрива сведочењата за напади врз малолетни учесници во игри и дружења во нејзините виртуелни тридимензионални сфери, во кои се пристапува со специфични VR-уреди. Тие тврдат дека компанијата што ги поседува Фејсбук и Инстаграм избришала и фалсификувала истражување за внатрешна безбедност кое покажало дека децата се изложени на злоупотреба, сексуално вознемирување и насилство.

Мета знае дека малолетни деца ги користат нејзините производи, но пресметала дека тие го поттикнуваа ангажманот, а тоа ѝ носи пари. Ги компромитира своите внатрешни тимови за да манипулира со истражувањата и директно да брише податоци што не ѝ се допаѓаат, тврди Џејсон Сатизан, поранешен вработен во одделението за истражувања за виртуелна реалност и единствениот од информаторите што не го крие идентитетот.

Сатизан бил отпуштен од Мета во април 2024 година откако реагирал за управувањето со истражувањата за безбедност. Негов колега што во 2023 година учествувал во истражување спроведено во Германија дал отказ поради етички причини. Другите двајца информатори сè уште работат во Мета. Сатизан и Кејс Севиџ, која беше водечки истражувач за искуството на младите корисници за виртуелна реалност, денеска ќе сведочат пред Поткомитетот приватност, технологија и закон на американскиот Сенат.

Информаторите тврдат дека менаџерите им наложиле на вработените да избегнуваат истражувања што би можеле да покажат докази за штета врз децата во виртуелната реалност. Од истражувач било побарано да избрише информации од интервју со германско семејство, во кое малолетник изјавил дека неговиот брат, помлад од 10 години, во виртуелната реалност на Мета „често се среќавал со возрасни странци што му давале сексуални предлози“.

Според документи претставни пред Конгресот, Мета уште од април 2017 година знаела дека деца ги заобиколуваат возрасните граници за користење на уредите „окулус ВР“. Информатор всушност тврди дека 90% од лицата во метаверзумот се под легалната возрасна граница. Тој навел пример дека три деца на возраст од 6-7 години разговарале со многу постар маж, кој ги прашувал каде навистина живеат во реалниот свет.

Во 2023 година член на правното одделение на Мета побарал од истражувач да не собира податоци колку многу деца ги користат уредите „за да нема проблем со регулаторите“.

Да бидеме кристално јасни: Мета им наредила на своите истражувачи да бришат докази дека компанијата го прекршува законот и свесно ги загрозува малолетниците. Тоа не е само длабоко загрижувачки, туку е и причина за темелна истрага за раководството на Марк Закерберг и на токсичната култура во Мета што ги охрабрува менаџерите да ги прекршуваат законите, вели Саша Хаворт, директорка на Проектот за надгледување на технологиите.

На сослушување пред Конгресот во јануари 2024 година, републиканскиот сенатор Џош Холи го изнуди јавно извинување од Марк Закерберг, главниот извршен директор на Мета.

Жал ми е за сè низ што поминавте сите. Затоа инвестираме толку многу и ќе продолжиме да вложуваме напори низ целата индустрија за да се осигуриме дека никој нема да мора да поминува низ работите низ кои морале да страдаат вашите семејства, изјави тогаш Закерберг.

9 септември 2025 - 09:18