Кој да знаеше дека толку електрани нема да требаат

За најголемиот дистрибутер на струја во Тексас (Онкор електрик) аналитичари лани ја пресметуваат исплатливоста на додавање батерии на нивната мрежа. Им излезе дека се на нула, ако постојат батерии по цена од 350 долари за 1 киловат час. Тогашните проценки велеа дека таква цена може да биде постигната до 2020-та. Минатиот викенд Тесла го објави Пауервол пакетот со цена од 250 долари за 1 кВтч.

Батериите на Тесла неделава беа споменати и на дебата за иднината на нуклеарната енергија на која критичарот на нуклеарната енергија Арни Гудсен предвиде дека вакви батерии со индустриски капацитет многу скоро комплетно ќе ги направат излишни новоизградените нуклеарни централи. Батериите ќе бидат доволно евтини за да го решат најголемиот проблем на енергијата што се добива од сонце и ветар (како да ја складираш), давајќи поевтина алтернатива на нуклеарната енергија.

Предвидувањето на Гудсен е дека кога ќе го дојде времето на батерии со индустриски капацитет, цената ќе падне под 2 центи за 1 кВтч, што е поевтино од енергијата што се добива од новите нуклеарки.

Според студијата од почетокот на текстот, предноста на батерии е во:

1. Заштеда на купување струја. Дистрибутерите кои немаат доволно голема резерва мора да купуваат струја за време на најголемите пикови во системот, кога струјата е и најскапа, и разликата во цената се додава во сметките на потрошувачите (ангажирана моќност).

2. Намалување на сметките преку продажба на струја. Вишокот капацитет на батериите се пренесува во електричната мрежа и ќе биде продаван на регионалниот пазар на струја. Парите од продажбата ќе се одбиваат од сметките на потрошувачите.

3. Пренаменување на инвестициите. Дистрибутерите на струја (во САД тие иистовремено се и производители) имаат потреба од доволно електрани за да ги опслужат корисниците кога е шпицот на побарувачката, а не кога е просек. Користејќи батерии за да го покријат таквиот шпиц, тие можат помалку да инвестираат во електрани. Ова значи дека можат да престанат да градат "пик електрани," посебен вид на електрани кои брзо се стартуваат ама се неефикасни (во споредба со останатите типови) бидејќи работат на природен гас. Со дистрибуција на батерии на местата со најголема побарувачка во шпицот на побарувачката, компаниите ќе можат инвестициите за адаптирање на мрежата за неочекуван товар да ги пренаменат во други полиња.

Сите овие пресметки се направени врз основа на сега достапната технологија за изработка на батерии, заради што се крајно конзервативни (ова би му дошло како да ја предвидуваш иднината на интернетот во време кога на располагање имаш само дајл-ап интернет).

6 мај 2015 - 14:03