Банкарскиот гигант ЈП Морган и фирма - ќерка на Генерал Електрик потпишаа милионски договор за замена на стандардните со ЛЕД (light-emitting diode) сијалици во 5.000 нивни банки, филијали и подружници. Се работи за преку 1,4 милиони сијалични места кои треба да бидат заменети во следниве две години.
Иако "старата добра" сијалица е чудесија од енергетска неефикасност (само 5% од струјата што ја троши оди на светлина, останатиот дел на топлина), долго време доминираше на пазарот затоа што нејзините алтернативи (неонки, лед-ови и сл) или даваа инфериорна светлина или беа скапи. Или и двете. Иако заштедуваат пари за струја, ЛЕД сијалиците беа на маргините бидејќи не може да стане масовно нешто што бара сериозен кеш за инвестиција.
Првиот проблем (со светлината) ЛЕД технолошки го реши пред неколку години реплицирајќи го моделот на светлина на кои сме навикнале а сега се и трипати поевтини од пред некоја година. Дополнително, зделката со ЈП Морган е сигнал дека е најден бизнис модел за големи корисници кои веќе не мораат да спружат вагон пари однапред.
Американската домаќинска математика сега е ваква: ако во еден дом се заменат 40 сијалици за што ќе треба да се даде околу 200 долари, веќе првата година, на сметки за струја се заштедуваат 280 долари.
Ако забележавте, продавач во договорот за ЛЕД сијалици е компанијата Генерал електрик, чиј основач е Едисон, кој пак се смета за татко на традиционалната сијалица (иако само го има купено патентот од двајца Канаѓани). Парата е како вода, кај што ќе си направи патче, таму најлесно тече.