Иако американските компании добија дозвола за сега да продолжат со работа со Хуавеи, соработката во моментот изгледа како да им е понеопходна на Американците отколку на Хуавеи. Откако решија дека ќе попуштат во блокадата, американскиот департман за трговија добил 300 барања за лиценци за соработка со Кинезите.
За цело ова време додека во јавност трае дебатата и битката меѓу двете страни, Хуавеи успешно работи на олабавување на зависноста од американските делови (ова ги подразбира и оние што не се произведени во САД).
Главната промена е што Хуавеи сега многу повеќе се потпира на чиповите на кинеската ХиСиликон, а во игра влегоа и неколку не-кинески компании, како тајванската Медиатек (од која користи чипови што ја контролираат потрошувачката на енергија), јапонската Мурата (чипови за антената), холандската Ен-Икс-Пи (чипови за звучниците).
Од Хуавеи работите ги поставуваат на следниот начин:
„Хуавеи има јасна преференца да продолжи да интегрира и да купува компоненти од американски партнери. Но ако тоа се покаже како невозможно заради одлуките на американските власти, ние нема да имаме друг избор освен да најдеме алтернативен снабдувач од не-американски извори.“
Само минатата година Хуавеи има купено американски компоненти за 11 милијарди долари. Неколку американски производители на чипови во своите извештаи предупредија на пониска заработувачка заради санкциите воведени од американската влада.
Освен смартфони, по ново Хуавеи е способен да произведува и 5Г базни станици без ниту еден американски дел. Моментално нивниот капацитет е 5.000 вакви 5Г базни станици месечно, а за следната година се очекува оваа бројка да порасне на 125.000.
Она што за сега е најголемата слабост на не-американските смартфони на Хуавеи е што тие не можат да ги користат апликациите на Гугл, иако Андроид им е комплетно достапен. Ова не е проблем на кинескиот пазар затоа што добар дел од сервисите на Гугл таму се забранети, меѓутоа е проблем за Хуавеи на сите пазари вон Кина.